Кривична пријава ќе има и за возачот што го носел Палевски до Турција


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека сѐ уште трае распитот на адвокатот Васко Стојков, со кого Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, замина во Белград.

– Адвокатот е задржан на распит којшто сѐ уште трае во рамките на 24-часовното задржување и кога ќе заврши службите ќе одлучат што понатаму, рече Спасовски во Охрид.

Во однос на возачот кој го превезуваше Палевски во Турција и кој беше приведен на влез во земјава на граничен премин кај Дојран, Спасовски рече дека ќе биде поднесена кривична пријава.

– Согласно она што го имаме потврдено, службите ме информираа дека ќе се поднесе кривична пријава, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на СВР-Охрид.