Кривичен суд: Стразбур вели дека притворот на Јанакиески е оправдан, проблем е жалбената постапка
Притворот за Миле Јанакиевски е оправдан, а критикувана е должината на жалбената постапка – реагира Кривичниот суд по одлуката на Европскиот судот за човекови права да ги уважи жалбите на поранешниот министер за транспорт. Кривичниот суд преку соопштение апелира до медиумите, но и правните критичари дека е потребно прецизно и дословно известување за вакви сензитивни теми.
Од Кривичен велат: „Пресудата на ЕСЧП е веќе достапна на нивната веб-страница и потребно е точно и внимателно да се прочита нејзината содржина пред да се навлезе во неосновани критики и погрешни заклучоци, со кои се информира јавноста. Во ниту еден дел не ја оспорува основаноста на определените мерки притвор и куќен притвор во прв степен, напротив ЕСЧП констатирал дека притворот бил оправдан, Но утврдува пропусти во лишувањето од слобода на обвинетиот, како и ‘брзината’ на жалбената постапка во повисок степен.
Во прилог на образложението е дека основаноста на определениот притвор била поткрепена со соодветни докази говори и точка 95 од пресудата според која ‘нема индикации дека оценката направена од домашните судови во овој поглед била произволна или очигледно неразумна’
Заради сето тоа сметаме дека е потребно пред сѐ точно и дословно известување и коментирање во однос на пресудите на ЕСЧП бидејќи во спротивно се гради дискредитирачко јавно мислење за постапувањето на судот“, велат од Кривичниот суд.