Кривичен суд не смее да ја коментира првостепената пресуда за сообраќајката кај „Млечен ресторан“


Фото: Б. Грданоски

Основниот кривичен суд Скопје, се со цел да не нашетети на евентуалната жалбена постапка на која имаат право незадоволните страни, не може и не смее да коментира првостепена- неправосилна пресуда, соопштија од ОКС Скопје, мислејќи на последната пресуда за сообраќајната несреќа кај „Млечeн ресторан“.

„Целосно неетеички е во јавноста од одредени субјекти да се коментира и злоупотребува првостепена-неправосилна пресуда која во иднина може да биде преиначена во делот на казната, а непрофесионално и незаконски би било судот да коментира пресуда на судија поединец кој е независен во своето постапување“, велат од Кривичен суд.

Но, од таму истакнуваат дека заради јавниот интерес и транспарентно и отчетно работење за кое се залага судот, ја информираат јавноста дека според фактите изнесени на јавна расправа, станува збор за кривично правен – предмет за кој Јавниот обвинител утврдил дека постојат сомневања за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл. 300 ст.4 вв со чл.297 ст.3 вв со ст.1 односно сторено од небрежност, а не со умисла.

„На главната  расправа 63–годишниот обвинет В.Ч. ја признал вината, а Судот, заради тоа, не навлегувајќи во утврдување на фактичката состојба и врз основа на сите олеснителни и отежителни околности изрекол осудителна пресуда.  Притоа оштетените биле присутни при изведување на завршните зборови и изрекување на пресудата“, појаснуваат од Кривичен.

Според нив, јавноста мора да знае дека судот постапува по обвинителни предлози и акти доставени од истрага и квалификација која ја води и утврдува Јавниот обвинител и носи пресуди во рамки на пропишаните казни во Кривичниот законик, притоа водејќи сметка на сите околности.

„Судот во ваков случај не може  да смени или преквалификува кривично дело ниту може да излезе од рамките на пропишаната казна“, велат од Судот.