Кривичен ја одби како неоснована жалбата и го потврди притворот на Наке Георгиев


Фото: Б. Грданоски

Кривичниот совет од Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, ја одби како неоснована жалбата и го потврди решението за определување 30 дневен притвор на врховниот судија Наке Георгиев.

Судот постапувал по жалба на одбраната на осомничениот Георгиев против решение на судија на претходна постапка од 21 мај годинава.

– Денеска, по барање на одбраната на осомничениот одржа јавна седница на која по произнесување на одбраната и обвинителот во однос на наводите во предлогот за определување мерка притвор донесе решение со кое жалбата на одбраната се одбива како неоснована и се потврдува решението на судија на претходна постапка со кое му се определува мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 т. 2 и 3 од ЗКП, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, му определи мерка притвор

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на 21 мај му определи мерка притвор во траење од 30 дена на Георгиев, за кој постои основано сомнение за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ од чл. 359 од Кривичниот законик.

– По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител донесе решение со кое предлогот се уважува, а на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 точка 2 и 3 односно, може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело, се вели во соопштението од Кривичен.

По предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје денеска определи мерки за претпазливост и за Иџет Мемети, второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание во која е вклучен и врховниот судија, Наке Георгиев.

Осомничениот, согласно одлуката на Кривичен, има обврска повремено да се јавува во судот, одземена му е патната и друга исправа за напуштање на државната граница и има забрана за издавање нова.