Крива Река има стотици пати повеќе цијанид, а десет пати повеќе олово по хаваријата во „Тораница“
Државата не се заинтересира по оваа голема еколошка катастрофа, обвини градоначланикот на Крива паланка Сашко Митовски. Државниот испекторат рече дека станува збор за технолошка вода

Водата на Крива река во Крива Паланка е опасно загадена по хаваријата во рудникот „Тораница“, а во неа истекле тешки метали и цијанид. Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски рече дека ќе бара кривична одговорност од одговорните. Тој откри дека во водата има десет пати поголема концентрација на олово и стотици пати повеќе цијанид, азот и фосфор. Во моментот се испитува квалитетот на водата од бунарите, а дополнително се чекаат резултати од водата за пиење од градскиот водовод, која засега се смета дека е безбедна за пиење.
„Согласно извештајот од акредитирана лабораторија ‘Технолаб’ од Скопје, водата во Крива Река, по земените примероци еден ден по настанувањето на хаваријата во рудникот ‘Тораница’ е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето. Извештајот по направеното тестирање на квалитетот на водата во Крива Река покажува неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, а она што најмногу загрижува е десеткратното присуство и концентрација на тешки метали, поточно количината на олово присутно во водата“, рече Митовски на прес-конференција.
Дополнително за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река.
За ова загадување Општина Крива Паланка ќе бара и кривична одговорност, особено што за ваква хаварија предвидува кривична одговорност. Го повика јавниот обвинител итно да преземе мерки за санкционирање на сторителот.
За ова недело предвидено е затворска казна од 4 до 10 години за оној којшто за непридржување кон прописите за заштита на животната средина ќе ги загади воздухот, почвата, водата, водотек или водната површина.
Поради ова, загадени се водите на реката Тораница, Крива Река и на Пчиња, а покрај тоа што претставуваат опасност за луѓето, загрозен е и живиот свет во реките, како и почвата по текот на реките, како и на земјоделските насади и сточниот фонд кој се напојува од таа вода.
Дополнително загрозени се и бунарите во околината, како и резервоарите кои се полнат од овие реки.
Државниот инспекторат нема постапено согласно своите надлежности. Преку соопштение што го пласираа преку својот ФБ профил дадоа констатација дека станува збор за технолошка вода без притоа да направат соодветни анализи на самата загаденост на водата.
Инцидентот се случил на 14 март, а инспектор за животна средина на рудникот „Тораница“ направил увид на денот на хаваријата и констатирал дека има само заматување, односно механичко онечистување.
Но, поради бурните реакции и загриженоста на населението, од страна на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, била ангажирана приватна и независна лабораторија за земање мостри од Крива Река која констатирала излевање на опасна течност во водите на реката со алармантно присуство на тешки метали: олово, арсен, цијанид… што се директна закана по здравјето на граѓаните, долготрајни последици и штети по земјоделските поседи, земјоделски и овошни култури во општините Крива Паланка и Ранковце.
Рудникот „Тораница“ казнет со 200.000 евра за загадување на Крива Река