Критики за образованието во Собранието

Расправата во Собранието за избор на Влада продолжи по паузата. Претходно,  пратеникот од ДУИ, Арбер Адеми, истакна дека ќе гласа ЗА и дека ќе ја поддржува новата Влада во целиот мандат бидејќи, како што рече, верува во кадрите кои се предложени да раководат со министерствата.

-Уверен сум дека не само, тоа што ќе го почнат дека ќе го завршат, туку и тоа што е почнато ќе го завршат, истакна Адеми.

Тој потсети и на оствареното во последните три години и рече дека сите ќе го запаметиме датумот кога ја исполнивме стратешката цел, кога пристапивме кон НАТО и кога ги започнавме преговорите со ЕУ, а и ќе се сеќаваме и на историското покачување на платите.

Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ во реплика на Адеми рече дека родителите се загрижени на кој начин децата ќе го продолжат своето образование и затоа неговиот мандат како министер за образование е неуспех во образованието.

– Не знаат дали ќе почнат од 1 октомври или покасно, дали онлајн или комбинирано. Тендерите не застанаа, но застанаа одлуките кои Министерството за образование требаше да ги донесе. Ова е мандат на неуспех во образованието. Донесовте загриженост кај родителите. Вие како влада 4 месеци не успеавте да направите концепт како нашите деца и кога ќе ја продолжат учебната година, а земјите соседството и Европа имаат алтернативи кои ги понудија, нагласи Милошоски.

Со критика кон работењето на Адеми за збор се јави и Халил Снопче од Алијансата на Албанците кој рече дека Арбер во неговиот мандат како министер ги дискриминирал авторите Албанци во однос на учебниците. Според него, еден автор Македонец добивал до 17.000 евра, а авторите Албанци нула денари. Снопче рече дека Адеми се пофалил со нови личности од ДУИ во Владата, а сеуште кандидати за министри им се Фатмир Бесими кој били министер за економија, одбрана и евроинтеграции или пак Бујар Османи како министер за здравство за евроинтеграции и сега за надворешни.

Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ рече дека образованието е на дното, без концепт и визија.

-Во последниве три години рангирањето на УКИМ се наоѓа на 1917 место од вкупно 2000 рангирани универзитети. Законот за високо образование остана празно слово на хартија, а престижниот Економист не стави на осмо место во светот по одлив на мозоци, истакна Јаулески.