Критично во Нови Пазар, 100 болни со тешка клиничка слика, а само три подвижни респиратори


Во Србија денеска има нови 264 заразени од корона вирус, но изгледа дека најкритична е состојбата во Нови пазар.

Nova.rs пишува дека е прогласена вонредна состојба во Нови Пазар поради ненадејниот скок на бројот на заразени, кој сега е повеќе од 500, а во градот стигна и армијата. Медицинските работници, лекарите и возачите на брза помош се веќе на работ на силите.

Уште нешто друго потврдува дека ситуацијата е навистина тешка. Имено, Градскиот кризен штаб најави итна набавка на потребната опрема, вклучително и 20 лимени сандаци и 200 вреќи за посмртни остатоци.

Порталот Sandzakpress.net објави претходно денес дека повеќе од стотици пациенти во овој град имаат тешка клиничка слика и дека штотуку започна формирањето на респираторниот центар и изградбата на инсталациите неопходни за негово пуштање во употреба. Во моментов работат само три транспортни респиратори. Истиот портал пишува дека се хоспитализирани повеќе од сто пациенти со потешка клиничка слика.

Во саботата штабот за вонредни состојби на Нови Пазар донесе одлука да се затворат сите забавни паркови за деца, да се скрати работното време до 19 часот на сите продавници, фризери, пекари, месарници и други сервисни и занаетчиски објекти, јавува Хина.

Директорот на Општата болница во Нови Пазар, Мехо Махмутовиќ, изјави дека голем број лекари и медицински персонал се заразени со корона вирусот.

По нагло зголемување на бројот на новозаразени, Србија врати некои рестриктивни мерки што беа укинати порано, а се разгледува воведување дополнителни забрани и ограничувања.