Критичарот на Кремљ Навални е во кома, се појави слика од моментот на труењето


Русија – Лидерот на руската опозиција Алексеј Навални се наоѓа на одделение за интензивна нега во сибирската болница во Омск, во бесознание и на респиратор, откако, според неговата портпаролка, утринава бил отруен.

Навални (44), адвокат и антикорупциски активист и еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, е во болницата во Омск, откако загуби свест на летот за Москва, пред кој се имал напиено само чај.

Авионот бил принуден да слета за Навални да биде однесен во болница.

Неговата портпаролка Кира Јармиш на Твитер напиша дека Навални е ставен во кома и е на респиратор, додека се вршат натамошни испитувања.

„Алексеј е отруен“, напиша таа. „Алексеј сега е на интензивна нега“, наведе Јармиш, пренесена од француските медиуми.

„Сигурна сум дека е намерно отруен“, рече таа за радио станицата Ехо на Москва, додавајќи дека според лекарите отровот се апсорбира побрзо ако е во врела течност.

Тасс објави дека Навални е на одделението за токсикологија на одделот за интензивна нега на болницата во Омск.

-Неговата состојба е сериозна, изјави главниот лекар на болница та Александар Мураковски за Тасс.

Ројтерс го пренесе лекарот од болницата, Анатолиј Калиниченко, кој објасни дека не е сигурно дека Навални е отруен, како што сугерираат неговите соработници.

Јармиш кажа дека на Навални му се слошило откако на аеродромот испил црн чај и дека тој наутро не консумира ништо друго.

Калиниченко рече дека „природно труење“ е една од работните дијагнози што се земени во предвид.

Јармиш додаде дека на нивно барање полицијата била повикана во болницата.