Критичарите на Ердоган се сомневаат во неговите намери за нов устав на Турција

Изјавата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека именувал тим правни експерти кои ќе го подготвуваат новиот устав, критичарите го оценија како потег што ќе му овозможи да остане на власт и по истекот на мандатот во 2028 година.
Ердоган уште од март 2003 година се залага за нов устав, тврдејќи дека постоечкиот, донесен по воениот удар во 1980 година, е застарен.
Вчера назначив 10 правни експерти да започнат со работа, со тоа ќе продолжиме со подготовките за новиот устав. За 23 години повеќе пати ја демонстриравме нашата искрена намера да ја крунисаме нашата демократија со нов граѓански и слободарски устав, наведе Ердоган.
Согласно турскиот Устав, Ердоган не може повторно да се кандидира за претседател освен ако не се распишат предвремени избори или не се промени законската рамка. Поддршката на Ердоган за нов устав критичарите ја сметаат за можен пат за негов реизбор, преку промена на одредбата за ограничување на бројот на мандати.
– Не сакам нов устав за себе, туку за нашата земја, изјави Ердоган минатата недела.
Владејачката Партија на правдата и развојот и нејзините националистички сојузници немаат доволно гласови за да донесат нов устав. Некои аналитичари веруваат дека неодамнешните напори на владата да го прекине деценискиот конфликт со милитантната Курдска работничка партија се дел од стратегијата за добивање поддршка од прокурдската Народна демократска партија во Парламентот.
Ердоган се залага за нов устав во време кога неговиот главен ривал, популарниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, е во затвор поради обвиненија за корупција и поддршка на терористичка организација. Приведувањето на Имамоглу на 19 март предизвика масовни протести ширум Турција, најголеми во изминатите 10 години.