Кристофер Хил го зголемува притисокот врз Србија

Американскиот амбасадор изјави дека Србија мора да размисли дали е одржливо да се држи кон „неутралната позиција“ околу војната во Украина


Во Белград беше откриена спомен-плоча на познатиот американски дипломат Џорџ Кенан, кој беше амбасадор во Југославија од 1961 до 1963 година

 

Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил вели дека Србија мора да размисли дали е одржливо да се држи кон „неутралната позиција“ кога станува збор за војната во Украина и односите со Руската Федерација. „Она што се случи со Украина, бруталниот напад врз таа земја и убиствата на цивили, е нешто целосно неприфатливо во овој век“, рече Хил.

„Мислам дека Србија мора да размисли дали е одржливо да биде во таа неутрална позиција… Ваков развој не сме го виделе од Втората светска војна“, рече американскиот амбасадор на откривањето на спомен плочата на поранешниот американски амбасадор во Југославија Џорџ Кенан.

Хил исто така нагласи дека светот се променил во последните месеци.

„Светот се промени од февруари и сите ние треба да размислиме каде сме, каква е нашата позиција и каде сакаме да бидеме во иднина“, рече тој.

Запрашан дали приоритет на Србија треба да биде воведување санкции кон Русија или нормализирање на односите со Приштина, тој рече:

„Овие прашања треба да ги поставите на вашата влада, нашиот став е добро познат, јас не сум тука да давам совети, треба да најдете одговори со својата влада“, нагласи тој.

Поентата, вели тој, е дека „Србија и Косово мора да работат на решавање на проблемот“.

„Да воспостават некои односи и да го продолжат бриселскиот дијалог, да ги решат проблемите и да продолжат понатаму. Од оваа перспектива, сѐ подобрите односи меѓу Србија и САД, како и САД и Европската унија, ми се многу важни и би сакал да видиме поголем напредок во бриселскиот дијалог. Како некој што се занимавал со преговори, би рекол дека проблемите се тешки, а се уште потешки кога за нив ќе се зборува во јавноста“, рече амбасадорот Хил.

Спомен плочата на местото на поранешната американска амбасада ја открија Хил, заменик-градоначалникот на Белград Горан Весиќ и синот на поранешниот амбасадор Кристофер Кенан.

Хил рече дека сите оние кои ја имале привилегијата да служат во американската дипломатија се свесни за придонесот на Кенан и што направил за Соединетите Држави и за односите на САД со земјите ширум светот, а, како што наведе, „особено оние од нас кои ја имавме честа да служиме во амбасадата на САД во Белград“.

„Сите ние го следиме неговиот пат и одиме по неговите стапки“, рече Хил.

Спомен плочата на Кенан, американски дипломат и амбасадор, беше поставена на иницијатива на заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, со поддршка на амбасадата на САД. (Н1)