Кристина Глигоровска, моден истражувач: Азија ги освои и дизајнерите и потрошувачите
Кристина Глигоровска (38) е една од ретките истражувачи во Македонија која повеќе ја третира модата преку факти отколку како ревии, која ги анализира и прогнозира модните трендови и која е окупирана околу воведувањето технолошки иновации во модата. Иако во фокусот на различните професионални улоги што ги има во последниве години е меѓународната модна сцена, вели дека кај нас се чувствува сè поголема раздвиженост во оваа сфера.
Горда е што е дел од првата генерација светски модни истражувачи, со импресивна професионална биографија. По студиите по новинарство на УКИМ, ги посетува модните студии на Универзитетот во Стокхолм, кои пак ѝ овозможиле да биде дел од Колеџот за дизајн и уметност – Парсонс во Њујорк каде што го завршила истражувањето фокусирано на модните медиуми.
За разликата меѓу модните недели низ светот, кој пазар сега е најинтересен за дизајнерите, а кој за купувачите и кои се најголемите потрошувачи на мода ни откри во интервјуто за „Независен весник“.
Имаш огромно искуство во истражувањето на модната сцена, како истражувач, автор и уредник, во однос на трендовите но и интересот на публиката. Кои се твоите сознанија?
– Колку простор има за да образложам 🙂 Комплексно е да се сублимираат познавањата за толку широка тема ако ги земеме предвид сите сознанија до кои сум дошла преку различните професионални улоги што ги имам во последниве години. Модата е комплексен феномен во филозофска, социолошка, културолошка и комерцијална смисла. Мене отсекогаш ме фасцинирала фузијата помеѓу модата и технологијата, што веќе и се наметнува како тренд. Модниот свет сè повеќе се обликува и менува преку аплицирање на нови технологии, како што се холограмски илузии, „нослива“ технологија, тридимензионално печатење на облека и додатоци и е-трговијата. Но, иако модните консументи се заинтересирани за воведувањето на технолошки иновации во модата, тие сепак се често неподготвени и покажуваат отпор за брзи промени и прифаќање на несекојдневните трендови, особено за оние предизвикани од иновативните текови во областа на технологијата.
Фокусот на истражувањата ти е домашната или меѓународната сцена?
-Поголем дел од времето престојувам надвор од земјава, па така фокусот на мојата работа и на моите истражувања е меѓународната модна сцена. Последните истражувања ги работев на релација Стокхолм – Париз – Лондон – Њујорк – Шангај – Токио, а се однесуваат на трендот на сајберпанкот во модата во 21 век, употребата на холограми во модните ревии и користењето на 3Д-технологијата во модата.
Во Македонија малку се прави анализа на модната сцена, и како понуда и како побарувачка, колку со рекламирањето се добива, а колку се губи? Плус деловната етика е на ниско ниво, веднаш се дознава кој каков третман добил при учество на модна недела и слично. Нема ниту статистика кои трендови влечат публика, мал пазар сме, постои нелојална конкуренција и слаба платежна моќ.
-Како што реков, мојот фокус е повеќе насочен кон глобалната модна сцена. За да има прогрес во една сфера, потребно е да се работи на повеќе нејзини аспекти. Модната индустрија ја сочинуваат многу чинители, а еден од нив е и истражувачкиот дел кој во светски рамки добива сè повеќе простор.
Во Македонија сè уште не е развиена сериозна модна сцена, иако веќе се чувствува сè поголемата раздвиженост во оваа сфера. Но, за да стане силна модната сцена тука, потребно е да се спојат повеќе алки, како на пример, редовни, квалитетни и инвентивни колекции на модните дизајнери, организација на различни модни настани, развој на модните медиуми итн. Всушност, развој на едно сценарио во кое секој ќе има јасно дефинирана улога, а со тоа ќе се направи простор за квалитетна и издржана модна критика.
Во модата, најекспонирани се дизајнерите, моделите и модните критичари. Ти наместо ревии избра теорија. Зошто?
-Да се биде дел од првата генерација светски модни истражувачи е предизвик сам по себе. Кога ја открив програмата за модни студии на Универзитетот во Стокхолм, која стана репер за сите следни такви програми во Лондон, Париз, Њујорк и на други места во светот, ја доживеав како сублимат на сите елементи што ги сакам во модата – научниот аспект, историјата, анализирањето и прогнозирањето трендови, креативното пишување итн. Модните студии во Стокхолм понатаму ми овозможија да бидам дел од Колеџот за дизајн и уметност – Парсонс во Њујорк, каде што го завршив моето тогашно истражување фокусирано на модните медиуми. Но, завршувањето на студиите на првата светска програма за модни студии значеше и потешко дефинирање на идната професија. Во изминативе години се ослободи простор и се зголеми интересот за модните истражувачи да станат дел од тимот на големите модни компании и модните медиуми. Доказ за тоа е и формирањето на првата мрежа на модни истражувачи во Франција, Култур де моде, каде што сум член од самиот старт.
Ги посетуваш модните недели низ светот. Постои ли разлика меѓу нив и постои ли заедничка точка?
-Разликата е огромна. Во последно време, мојот фокус е азискиот пазар, што некако е разбирливо кога ќе се земе предвид дека мојот интерес се модата и технологијата, а на азискиот пазар оваа фузија е највидлива. Ако зборувам само за најпознатите, тогаш би рекла дека Модната недела во Париз ја карактеризираат софистицираноста и богатата историја, а посетата на секоја ревија е своевиден престиж. Лондонската модна недела се истакнува со своите млади дизајнери и нивната ексцентричност, Миланската со препознатливиот гламур на модните писти, а Модната недела во Њујорк, која во минатото беше во фокус со својата инвентивност, во последниве години по малку разочарува. Заедничко за сите нив е модата во нејзината есенцијална форма на посебна уметност.
Беше во Сеул на Модната недела.
-Да, штотуку се вратив од Сеул. Едноставно би рекла дека сум фасцинирана од нивната модна сцена. Во однос на спојот на модата и технологијата, може да се каже дека се број еден во светски рамки. А овој спој ја надополнува нивната неверојатна грижа за зачувување на животната средина и употреба исклучиво на еколошки одржливи материјали. Она што особено ми остави впечаток се нивната улична мода и машката модна сцена. Многу е тешко да се долови со збор првиот впечаток за модата во Сеул, колоритноста, инвентивноста и трудот да се спојат практично неспојливи дизајни.
Интересно беше да се види светскиот интерес за Модната недела во Сеул. Многумина од уредниците на најголемите и највлијателни модни магазини беа таму, што е доволен доказ дека таа модна сцена е доста важна во светски рамки. Се смета дека Сеул е главен град на модата во Азија, односно новиот Токио по 80-тите и 90-тите години.
Што те фасцинира во модата, а што те одбива?
-Ме фасцинираат луѓето што сè уште ја третираат модата како вистинска уметност, на кои не им е фокус само комерцијалниот аспект. Ме одбива копирање, немање креативност, комерцијални колаборации, неестетски патики, атлејжер стил…
Кој пазар сега е најинтересен за дизајнерите, а кој за купувачите?
-За дизајнерите, поточно за модните брендови, најголем предизвик е Азија и големата потрошувачка моќ што постои таму. Познатите брендови дури и прават посебни колекции за тој пазар. А за потрошувачите мислам дека сè повеќе и повеќе не станува збор за самиот пазар како географска одредница, туку за оригиналната понуда. Од една страна, е-трговијата донесе огромни промени во начинот на купување, но од друга страна, концепт-продавниците со локални модни дизајнери кои не се виртуелно достапни се сè уште интересни за купувачите.
Во светски рамки, кои се најголемите потрошувачи на мода?
-Во моментов тоа се Кинезите 🙂 И тоа не само за познати модни брендови туку сè почесто тие се главни посетители на необични концептуални продавници.
Дали сметаш дека модата во Македонија е преценета работа, ако во исто време не почитуваме дрес-код, ја мешаме дневната со ноќната гардероба, се шминкаме и кога носиме спортска облека и слично?
-Тука има многу простор да се работи на она што модата го подразбира. Работите се движат, гледаме интересни млади модни дизајнери, публика што станува желна за оригинално и квалитетно парче облека. Но темпото е многу бавно. Едукацијата и модните медиуми може и треба да придонесат кон забрзување на тоа темпо.
Баш во моментов, и јас сум вклучена во овој сегмент кај нас. Станува збор за проектот „Недела на излозите”, поддржан од Швајцарската амбасада, кој има за цел да отвори дијалог помеѓу младите модни дизајнери и архитекти кои заедно со тимот на проектот и со светски реномирани ментори ќе работат на подигнување на визуелната култура во градот, преку уредување на дел од излозите во центарот на Скопје.
Дали навистина преку облеката дознаваме за личноста, или има нешто и во вториот впечаток?
-Облеката и начинот на кој таа се носи за мене значат многу и сметам дека првиот впечаток за личноста доаѓа токму од таму. Но тој впечаток понатаму се надополнува со запознавањето на таа личност. Зборувајќи фигуративно, понекогаш корицата и содржината немаат допирна точка, а понекогаш тоа е една силна целина.
Да не бидам грубо сфатена, секоја втора млада девојка станува модна блогерка, без разлика дали има вкус, или спаѓа во категоријата кич? Колку социјалните мрежи навистина имаат влијание за модните трендови и на кои можеме да им веруваме?
-Да не бидам и јас грубо сфатена, јас сум критичар на блогерството и инфлуенсерите како комерцијален концепт кој во моментов владее во модната индустрија. Ми фали оној период кога модните новинари – уредници – критичари ја градеа сликата за тоа што е мода, со вистинско познавање на модата. Кога превласт имаше издржаната критика и едукативниот момент над комерцијалниот, кој секако секогаш е присутен во оваа како и во сите други индустрии. Ми недостигаат модни професионалци во глобалната медиумска сфера кои се чувари на вистинските вредности на модата и нејзини креатори.
Која област моментно ти прави најмногу ќеф, а која најмногу работа?
-Најмногу работно ме окупираат анализата и прогнозирањето на модните трендови, а најмногу ќеф истражувањата поврзани со модата и технологијата.
Што е за тебе врв на твојата кариера?
-Тешко е да се одреди еден врв кога има толку многу нешта што се дел од мојата професионална сложувалка на која сум горда.
Лејла Сабит Фото: Приватна архива