Криминалците од Црна Гора `валканите` пари ги перат со купување недвижности во Белград


 

Повеќе стотици милиони евра кои Црногорците со дебели досиеја ги стекнале на криминален начин, испрани се преку недвижности во Белград.

Како што наведуваат црногорските медиуми, истражителите утврдиле дека луѓе од криминалното милје во Црна Гора купувале недвижности во централната белградска општина Врачар.

„Истражителите му влегоа во трага на тие „валкани“ пари на мафијата од Црна Гора со кои се купувани земјишта и градени станбено-деловни објекти. Криминални од Подгорица, Котор, Бар и Будва се под полициска истрага под сомнение дека со купување на недвижности и отворање хотели и други угостителски објекти перат сомнителни пари“ пренесуваат црногорските мeдиуми.

Полицијата се сомнева дека парите кои тие ги вложувале во недвижности се стекнати со продажба на дрога, главно кокаин.

„Се работи за лица евидентирани од црногорската полиција како припадници на криминални групи. Парите кои се вложени во купување недвижности, дури и цели катови од луксузни згради во центарот на Белград, главно се заработени со шверц на дрога, но и оружје“, тврдат извори запознати со истрагата а полицијата, не наведувајќи имиња на оние кои се под истрага.

Соговорниците велат дека освен со купување станови, припадниците на криминалните групи валканите пари се обидуваат да ги уфрлат во легални текови на купување земјишта на атрактивни локации и основање градежни фирми.

Преку тие фирми, како што наведуваат, влегуваат во бизнисот со градење станови, куќи и деловни простори.