Крихбаум: Ова што го прави Бугарија е крајно опасно


Ова што го прави Бугарија е крајно опасно, но Северна Македонија во никој случај не смее да се откаже, туку напротив со храбри реформи да покаже дека сака да стане дел од Европската унија, оценува во изјава за Дојче веле, Гинтер Крихбаум, претседавач на комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг од редовите на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел.

– За жал, стана лоша навика меѓудржавните спорови во текот на проширувањето на ЕУ да се претвораат во европски проблем. Тоа можевме да го видиме и при влезот на Хрватска со спорот околу Пиранскиот Залив или во процесот на пристапување на Србија, каде што Хрватска се спротивстави. Ова е развој што е крајно опасен и ова им го кажав многу јасно на нашите бугарски пријатели, вели Крихбаум за бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Прашан за коментар за молкот на Европската народна партија (ЕПП), чија членка е ЦДУ, но и владејачката бугарска ГЕРБ, тој наведува дека во дипломатијата не е секогаш препорачливо сите разговори да се пренесуваат во јавност, но, вели дека ЕПП исто така е многу ангажирана во потрагата по брзо решение.

За улогата на Германија, посочува дека Берлин долги години интензивно работи на приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и го иницираше таканаречениот „Берлински процес“.

– За нас, европската перспектива на целиот регион не е доведена во прашање. Канцеларката Ангела Меркел во средата, за време на пратеничките прашања во Бундестагот, ме увери дека е во постојан контакт со бугарскиот премиер на оваа тема, вели Крихбаум.

Доколку блокадата на Бугарија продолжи на неодредено време, тој порачува дека Северна Македонија во ниту еден случај не смее да се откаже или да ги запре итно потребните реформи.

– Токму спротивното. Земјата преку храбри реформи треба да покаже дека сака да стане дел од Европската унија. Патем, овие реформи и борбата против корупцијата немаат за цел да задоволат никого во Брисел или Берлин. Тие им служат на луѓето во Северна Македонија кои сакаат да бидат дел од Европа, изјави Гинтер Крихбаум.