Крф и Халкидики меѓу новите жаришта на корона вирусот во Грција


 

Итни „пилот мерки“ се во сила од петокот во Атина, Акавала, Александрополи и на островот Порос, како резултат на зголемувањето на бројот на пациенти со корона вирус само на тие места.

Овие строги мерки се проба за мерките што ќе се применуваат во голем број други области, каде расте и бројот на заболени од Ковид-19, поради што Грција се чини дека влегува во вториот бран на епидемијата, ги пренесуваат атинските медиуми зборовите на властите.

За време на првиот, тежок бран на епидемијата, во време на забраната за напуштање на куќите, на 21 април се регистрирани 156 нови случаи на корона вирус, а во четвртокот, Организацијата за јавно здравје на Грција доби извештај за 153 позитивни случаи.

Иако тоа е многу близу до рекордот, експертите забележуваат дека 153 извештаи за инфекција се последица на динамичен процес на континуирано тестирање што не се случило пред четири месеци, но сепак тие не ја кријат својата загриженост за текот на епидемијата.

Континуираното зголемување на бројот на случаи на корона вирусот во последните неколку дена предизвика воведување нови мерки, насочувајќи се кон области со висок епидемиолошки товар.

Општите мерки вклучуваат обврска на сите да користат маски насекаде – и надвор, барем до средината на август, а целите се да се ограничи движењето и работата на разни активности, според локалните потреби.

Понатамошните активности на надлежните ќе бидат тема на телеконференцијата, со која претседаваат премиерот Киријакос Мицотакис и претставници на Министерството за здравство.

Повеќе од половина од 153 случаи се откриени во Атина и Солун, а останатите се широко распространети географски низ целата земја. Најмалку 20 регионални единици пријавиле нови случаи. Покрај Атина и Солун, тие се Арголида, Ахаја, Еврос, Илија, Теспротија, Јанина, Кавала, Крф, Кукуш, Кожани, Лариса, Пела, Месинија, Халкидики…

Некои од овие области имаат висок епидемиолошки товар, како Крф, кој има повеќе од 23 случаи за само седум дена, и Халкидики, каде што се утврдени 22 случаи во последните две недели.

Втората област, која е под микроскоп на експерти, е Атина со 40 случаи и Солун со 38. Голем наплив на нови случаи е откриен на островот Порос.

Како што се зголемува бројот на случаи, така се зголемува и приемот во болница. До четврток, 123 пациенти биле хоспитализирани во референтни болници, од кои 58 во Атина. Пред помалку од една недела бројот на пациенти со корона вирус во сите грчки болници бил 93.

Според епидемиолошкиот извештај, сега 14 пациенти биле интубирани под општа анестезија и дишат со респиратор, додека една недела порано, само осум биле интубирани во цела Грција.

Во четвртокот не е забележано дека некој починал од корона вирус, а во моментот има вкупно 210 смртни случаи за време на епидемијата во Грција.

Само една свадба во Александрополис на североистокот на земјата, „му подари на здравството“ 45 случаи, а бројот на заразени од тој случај и натаму расте.

Во исто време, голема загриженост има и околу случаите на болничка зараза. Од 14 случаи пријавени во Лариса во четвртокот, најмалку шест се однесувале на здравствени работници во две болници во градот, по враќањето на работата на лекарите кои не знаеле дека се заразиле додека биле на одмор на Халкидики.

Покрај свадбите во Солун и Александрополис, крштевките на Халкидики и фабрика за преработка на месо во Кавала, нови жаришта на епидемијата се места за забава на островот Миконос – осум случаи се потврдени меѓу угостителскиот персонал. (Бета)