Кремљ со друг став од оној на Трамп: Путин не се согласил за итно примирје

Речиси двочасовниот телефонски разговор со Доналд Трамп не успеал да го убеди рускиот претседател Владимир Путин веднаш да прекине со огнот во Украина.
Трамп го изразил ставот на САД за прекинот на огнот и примирјето, но Русија е подготвена за тоа само откако ќе се постигнат соодветните договори, рече Путин, зборувајќи со новинарите по разговорите. „Главната работа за нас е да ги елиминираме корените на оваа криза“, нагласи тој.
Во меѓувреме, според Путин, Русија „е подготвена да соработува со украинската страна на меморандум за можен иден мировен договор“. Тој ќе вклучува дефиниција на „голем број позиции, како што се принципите на решавање, времето на можен мировен договор и така натаму“, наведе претседателот. Овој меморандум, според Путин, може да вклучува и „можен прекин на огнот за одреден временски период доколку се постигнат релевантните договори“.
Путин, исто така, рече дека му „заблагодарил“ на Трамп „за поддршката на САД за продолжување на директните преговори меѓу Русија и Украина“, додавајќи дека разговорот со него „бил многу значаен и многу отворен“, пренесува „Москва тајмс“.
Иако Путин малку зборуваше за содржината на разговорот, зборовите и фразите што ги употреби јасно ставаат до знаење дека нема да има непосредни последици, пишува воениот експерт Владислав Ширјаев: „Ако во арсеналот на преговарачите се појави ‘меморандум’, сè е завршено. Овој термин може да значи бесконечни разговори. Тимовите ќе се согласат за меморандум за намери (исто така, не одеднаш) и ќе почнат да бараат компромиси„што би им одговарале на сите страни“. Путин одбива да прави отстапки бидејќи е уверен во својата супериорност на бојното поле, изјавија за Блумберг извори блиски до Кремљ. Според нив, рускиот претседател очекува до крајот на годината армијата да може да ја заземе целата територија на четири украински региони – Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон – во рамките на нивните административни граници.
На разговорите во Истанбул руската делегација побара од Киев целосно предавање на овие земјишта, вклучително и територијата што руската армија не ја контролира,. Според извори за Ројтерс и „Економист“, руските претставници предводени од Владимир Медински, исто така, се заканија дека ќе заземат уште два региона – Харков и Херсон, тврдејќи дека Москва е подготвена да се бори со децении – како со Шведска во времето на Петар Велики.
Воениот персонал што се бори на фронтот не го дели оптимизмот на Кремљ, изјави за Блумберг извор близок до Министерството за одбрана. И покрај ова, велат изворите на агенцијата, Путин е подготвен да се бори долго време и не се плаши од заканата од нови санкции, кои би можеле да вклучуваат 500 проценти царини за земјите што купуваат нафта од Русија, построги ограничувања за банките и намалување на горната граница на цените за Руската нафта од 60 на 50 долари за барел.
Во приватни разговори, американските претставници им кажаа на своите европски колеги дека Трамп е подготвен да го поддржи новиот закон за санкции предложен во Конгресот, велат изворите.