Кремљ нејќе да чуе за ослободување на Навални


Алексеј Навални е воден со лисици од полициски службеник по сослушувањето во судот (Фото: АП)

МОСКВА – Кремљ во вторникот ги отфрли повиците на Западот за ослободување на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој беше уапсен по враќањето во Русија од Германија по третманот за труење со нервен агенс. Москва го нарече неговиот случај „апсолутно внатрешна работа“. Навални за своето труење ја обвинува владата на претседателот Владимир Путин, која го негираше тоа. Осудите за неговото апсење и повиците од странство за негово ослободување се дополнување на постојните тензии меѓу Русија и Западот. Некои земји од Европската унија сугерираат повеќе санкции против Москва.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека „не можеме и нема да ги земеме предвид овие изјави“. „Ние зборуваме за факт на непочитување на рускиот закон од страна на граѓанин на Русија. Ова е апсолутно внатрешно прашање и нема да дозволиме никој да се меша во тоа и немаме намера да слушаме такви изјави“, рече Песков.

Навални (44) беше приведен во неделата вечерта на пасошката контрола на московскиот аеродром „Шереметјево“, откако пристигна од Берлин, каде му беше укажана помош по труењето во август. Во понеделникот, му беше нареден притвор во траење од 30 дена за време на судското рочиште кое беше набрзина изведено во полициското подрачје каде се наоѓаше Навални. Затворската служба на Русија тврди дека Навални, најистакната руска опозициска фигура и борец за борба против корупција, ја прекршил условната казна за перење пари во 2014 година, што Европскиот суд за човекови права го смета за „произволно“. Официјалните лица бараат Навални да се испрати во затвор за издржување на условната казна од три и пол  години.

Тој ја толкува операцијата против него како знак на страв на Путин. Песков ги отфрли сугестиите дека Путин се плаши од Навални како „глупост“ и инсистираше на тоа дека го прекршил законот. Портпаролот рече дека прашањата за спроведување на законот за Навални „немаат никаква врска со рускиот претседател“.

Откако Навални беше затворен во понеделникот, неговите сојузници најавија подготовки за национални протести во сабота и објавија видео на кое Навални ги повикува луѓето да не се „плашат“ и „да излегуваат на улица“. Песков рече дека додека повиците да излезат на улиците се „алармантни“, Кремљ не се плаши од масовни протести.

Снимка од видеото на фондацијата на Навални во кое се прикажува замок на Црното Море кој наводно бил „палатата на Путин“

Исто така во вторникот, Фондацијата за борба против корупцијата на Навални објави двочасовно истражувачко видео, како што ја нарекоа, „палатата на Путин“ – имот на руското Црно Море, за кој рекоа дека чини 1,3 милијарди долари и дека, наводно, бил финансиран преку корупциска шема во која е вклучен блискиот круг на Путин. На видеото произведено и снимено пред апсењето, Навални тврди дека палатата и имотот, кои руските медиуми ги поврзуваат со Путин години наназад, се 39 пати поголеми од Монако.

На видеото снимено со дрон се покажува имотот зградите и детални планови за зградата, за кои Навални вели дека биле протечени до неговиот тим од изведувач. Меѓу 3Д-сликите на ентериери има салон за наргиле, мал театар и казино-соба. Истрагата тврди дека имотот, сместен во затскриена област, која е силно чувана од безбедносните сили на Русија, имала и подземно лизгалиште и тунел од замокот до брегот.

„Тоа е најтаинствениот и чуваниот објект во Русија“, вели Навални во видеото. „Тоа не е селска куќа или живеалиште – тоа е цел град, поточно кралство“. За неколку часа по објавувањето на „Јутјуб“ видеото имаше над 3 милиони прегледи. Песков за руските медиуми изјави дека наводите во истрагата на Навални се „невистинити“. (АП)