Кремљ не верува дека може да биде поразен со цената на нафтата
Кремљ денеска ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека конфликтот во Украина може да заврши со намалување на глобалната цена на нафтата.
Говорејќи онлајн од Белата куќа на годишниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, Трамп синоќа рече дека ОПЕК + ја дели одговорноста за речиси тригодишниот конфликт во Украина со тоа што ја задржа цената на нафтата превисока.
-Ако цената се намали, војната меѓу Русија и Украина веднаш ќе заврши, рече Трамп. Енергијата сочинува голем дел од руската економија.
Трамп се закани дека ќе воведе строги даноци, царини и санкции за Русија, доколку не се постигне договор за завршување на војната во Украина.Запрашан за пораката на Трамп, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска рече дека „конфликтот не е поврзан со цената на нафтата, конфликтот се должи на заканата за националната безбедност на Русија, заканата за Русите кои живеат на тие територии и одбивањето на Американците и Европејците да слушаат на безбедносните грижи на Русија“. Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин останува подготвен за контакти со Трамп.
Прашан да го коментира тврдењето на Трамп дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен за мировен договор, Песков укажа на претходната одлука на украинскиот лидер да отфрли какви било разговори со Москва.
Песков рече дека Кремљ внимателно ги следи изјавите на Трамп и истакна дека тој вовел голем број санкции за време на неговиот прв мандат, додавајќи дека Москва „останува подготвена за еднаков дијалог, за дијалог со взаемно почитување“.