Кремљ го предупреди Зеленски: Така нема да го решите конфликтот


Кремљ го предупреди Володимир Зеленски, кој побара од САД нови санкции за Русија, дека тоа нема да придонесе за решавање на конфликтот во источниот дел на Украина.

-Таквата реторика нема да и помогне на Украина да го реши проблемот, кој го има на југоистокот, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, алудирајќи на конфликтот меѓу украинските безбедносни сили и проруските бунтовници, во кој од 2014 година загинаа околу 13.000 луѓе.

Портпаролот на Кремљ изјави дека само Украина може да ги реши судирите во источниот дел на земјата, ако се придржува кон мировниот договор постигнат во Минск во 2015 година.

Тој додаде дека САД не можат да влијаат на овој договор, туку Украина треба да го реши тој конфликт.

Зеленски вчера официјално ја презеде функцијата претседател на Украина по победата на изборите минатиот месец. Негов приоритет е да се стави крај на конфликтот во источна Украина.

-Сами не можеме да ја пребродиме руската агресија, изјави Зеленски на состанокот со неколку американски официјални претставници на маргините на инаугурацијата. Новиот претседател истакна дека треба „да се зголемат санкциите“ кон Русија.

Американската делегација, предводена од министерот за енергетика, Рик Пери, спомена санкции против гасоводот „Северен поток 2“, проект кој ќе го удвои капацитетот на снабдувањето со гас меѓу Русија и Германија преку Балтичкото Море, со што се избегнува снабдување преку Украина.

Пери изјави дека САД се противат на гасоводот и оти постои можност американската влада да воведе санкции за компаниите поврзани со „Северен поток 2“.