Кредитниот рејтинг на земјата останува стабилен, но… Што покажува анализата на „Стандард и Пурс“


Раст на БДП од 3,7 отсто, инфлација од 2,2 отсто, поголем буџетски дефицит, но и намален фискален простор за задолжување, се само некои од укажувањата на кредитната агенција „Стандард и Пурс“ во образложението за кредитниот рејтинг за Северна Македонија кој останува ББ- со стабилен изглед. Покрај повеќето позитивни оцени за економското закрепнување и очекувањата за зголемување на извозот, потрошувачката, приливите од странските директни инвестиции, како и за стабилноста на денарот и банкарскиот сектор, оцената на „Стандард и Пурс“ покажува и на повеќе ранливи точки на кои треба да се обрне внимание.

„Проектираме дека економијата на Северна Македонија ќе оствари раст од 3,7 отсто во 2021 година, освен ако нема нови ограничувања поради пандемијата. Повисоките јавни и приватни инвестиции, обновување на странската побарувачка и приватната потрошувачка ќе го поттикнат растот во периодот 2021-2024 година, се дел од основните фактори за оценување, при што седодава дека ластите ќе бараат напредок за решавање на ветото на Бугарија за започнување преговори за пристапување во ЕУ.

Од „Стандард и Пурс“ наведуваат дека државниот долг продолжува да расте, но дека сепак, надворешните перформанси остануваат солидни.

„Проектираме дека дефицитите на општата влада ќе бидат во просек 4 отсто во текот на 2021-2024 година. Следствено, нето долгот на општата влада ќе се зголеми на 58 отсто од БДП до 2024 година. Дефицитот на тековната сметка ќе остане умерен на околу 2 отсто од БДП до 2024 година, целосно покриен со солидни странски директни инвестиции (СДИ)“, се наведува во образложението за кредитниот рејтинг.

 

Кредитниот рејтинг може да се подобри, но и да се влоши

Во однос на можностите во догледно време да се подобри или пак, да се влоши кредитниот рејтинг, од оваа глобална кредитна агенција наведуваат две сценарија. Според едното, позитивното, стабилната перспектива го одразува очекувањето дека проектираното економско закрепнување на Северна Македонија ќе помогне во сузбивање на фискалните и надворешни дефицити во текот на наредната година.

„Можеме да го подигнеме рејтингот доколку продолжувањето на структурните реформи ги зајакне институционалните аранжмани и додека се спроведуваат одржливи фискални политики. Аспирациите на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ може да останат сидро за таквите институционални подобрувања и напредок на структурните реформи“, се вели во образложението.

Од друга страна, кредитниот рејтинг може да се намали доколку дефицитите на фискалната и тековната сметка се повисоки отколку што се проекциите во следните една до две години, заедно со континуиран пораст на нето -државниот долг или наталожување на надворешни финансиски притисоци.

„Рејтингот исто така може да биде под притисок доколку, спротивно на нашите очекувања, се случи да ослабне стабилноста на домашниот финансиски систем под хипотетичко сценарио за постојано влошување на квалитетот на средствата и постојана конверзија на депозити во странска валута“, наведува „Стандард и Пурс“.

Според образложението, економијата на Северна Македонија закрепнува од последиците од пандемијата и покрај падот во првиот квартал.

„Робусното закрепнување на странската побарувачка го поттикнува растот, како одраз на спецификите за интеграција на Северна Македонија во меѓународните синџири на снабдување, како и приватната потрошувачка, која има корист од закрепнувањето на приватните трансфери и владините мерки за поддршка, како и приспособливата монетарна политика. Потенцијалното зголемување на пандемијата и придружните ограничувања остануваат ризик за економското закрепнување иако забележуваме дека извозот на земјата се покажа отпорен на наметнатите ограничувања, а финансиските услови остануваат поддржувачки“, се вели во образложението. 

Притоа, како резултат на стимулативните мерки во 2020-2021 година, се проектира висок дефицит на општата влада од 5,7 отсто од БДП во 2021 година, што постепено ќе се намалува до 2024 година.

„Следствено, нето државниот долг продолжува да расте – проценуваме дека ќе достигне 58 отсто од БДП до 2024 година, што е за 20 процентни поени во споредба со 2016 година. Сметаме дека тоа може да се покаже како предизвик да се намалат фискалните ризици и државниот дефицит“, укажуваат меѓу другото од „Стандард и Пурс“, потенцирајќи ги и предизвици поврзани со наплата на приходите и потенцијално помала достапност на официјалните финансиски средства. Но, додаваат дека пристапот до финансирање од пазарот и официјални извори, како и изгледите за раст ја поткрепуваат проценката за се уште умерената задолженост на Северна Македонија. Во исто време, законот за буџети, кој што во моментов е во процес на донесување, може да помогне да се зацврстат прудентните (внимателните) фискални политики и да ја зајакнат фискалната рамка.

 

Домашната побарувачка закрепнува

„Нашите оценки за Северна Македонија и натаму се ограничени со нашето видување за релативно ниските нивоа на приходи во земјата изразени преку БДП по жител; институционалните услови кои се уште се развиваат, и покрај неодамнешните подобрувања; како и флексибилноста на монетарна политика која е ограничена со режимот на фиксен девизен курс“, се вели во образложението.

Растот од 3,7 отсто во 2021 година го одразува закрепнувањето на домашната побарувачка до крајот на годината при што, како што се наведува „неколку групи владини мерки за поддршка ја ублажија економската состојба од влијанието на пандемијата, што на пример влијаеше на намалувањето на стапката на невработеност во првиот квартал од 2021 година во споредба со 2020 година“. Тоа влијаеше врз расположливите приходи и следствено на приватната потрошувачка. Приватната потрошувачка исто така има корист од тековното закрепнување на паричните дознаки, кои се важна одредница за приходите на домаќинствата (една четвртина од расположливите срества) и канал за премостување на економските последици од пандемијата во Северна Македонија.

Извозот продолжи да закрепнува во 2021 година откако беа прекинати синџирите на снабдување во пролетта 2020 година и остана еластичен и покрај ограничувањата на економската активност.

„Очекуваме извозот да одржува здрав раст, со оглед дека Северна Македонија е интегрирана во глобалните синџири на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, каде што има корист од позитивната побарувачка. Во исто време, тоа значи дека Северна Македонија е зависна од развојот на клучните трговски партнери-на пример, Германија сочинува околу 50 отсто од извозот на земјата“, се вели во образложението.

Засилувањето на пандемијата поради новите варијанти на вирусот е клучен ризик за тековното економско закрепнување. Ова, во заднина на неодамна зголемениот случај бројки, како и на новите ограничувања за социјални собири и двоумењето за вакцинирање. Како и да е, економијата е релативно отпорна, со помала зависност од услугите отколку земјите од регионот. Затоа, освен ризиците за надворешната побарувачка генерално, преостанатите ризици од повторното заживување на пандемијата би произлегле од потенцијалното влијание врз СДИ или на приватни трансфери, а особено за фискалните перформанси доколку е потребна дополнителна владина поддршка, наведуваат од „Стандард и Пурс“, при што се додава дека очекуваат фискалниот стимул да продолжи и да се повлекува постепено што дополнително ќе ја поддржи домашната побарувачка барем до 2021-2022 година.

 

Реализацијата на капиталните расходи останува предизвик 

Според кредитната агенција инвестициите ќе бидат клучен двигател на растот во 2021-2024 година. Зголемувањето на јавните инвестиции е една од клучните политики на владините приоритети при што капиталните инвестиции во износ од речиси 30 отсто од БДП се проектирани во текот на 2021-2025 година. Овие инвестиции имаат за цел да ги решат структурните пречки во однос на инфраструктурата за физички транспорт, здравствениот сектор и образованието.

„Но, ние продолжуваме да претпоставуваме дека ќе биде голем предизвикот да се мобилизираат и спроведат целосно капиталните расходи, со оглед на податоците за недоволно извршување во изминатите години. Ги забележуваме напорите на владата за унапредување со управувањето на јавните инвестиции и да ја забрза имплементацијата на предвидените буџетски средства“, се вели во образложението.

Се укажува и на порастот на платите, но се укажува дека тие значително ја надминаа стагнирачката продуктивност. Сепак, трошоците за работна сила се уште се меѓу најниските во регионот, а постојаната нето емиграција од земјата придонесува за недостиг на квалификувана работна сила и може да поттикне дополнителни притисоци врз платите. 

Од „Стандард и Пурс“ ги нотираат напорите на владата да ги привлече СДИ во слободните економски зони, што се проширија последните години и го зголемија извозот на стоки од земјата.

„Како и да е, економската структура останува прилично основна, со доминација на извоз на стоки со помала додадена вредност. Компаниите во слободните економски зони се концентрирани во секторот на електроника и авто секторите, но голем дел од инпутот се уште се увезува, наместо да се добива од домашно производство, што ја ограничува пошироката интеграција на слободните зони во домашната економија“, наведува „Стандард и Пурс“.

Сметаме дека почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ може да послужи како сидро за структурни и институционални подобрувања и за доверба во долгорочната економска перспектива на земјата. Во спротивно, фрустрацијата може да се зголеми, со оглед дека кандидатурата за членство на земјата датира од 2004 година, додаваат од „Стандард и Пурс“, од каде што се укажува и на домашната политичка поларизација помеѓу двете главни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, која останува висока. 

Проектираниот дефицит на општата влада од 5,7 отсто во 2021 година е за 0,8 процентни поени повисок од претходната проекција, велат од агенцијата. Сепак, и покрај нагорната ревизија, проекцијата на дефицитот се уште се споредува со онаа на владата и го одразува очекувањето за продолжување на здравите перформанси на приходите, но и недоволното трошење на некои расходни ставки.

„Очекуваме дефицитот на општата влада да се намали на 3,1 отсто до 2024 година, што ќе биде поспоро намалување во споредба со владината прогноза. Ова ја зема предвид нашата пониска прогноза за раст и постепеното повлекување на мерките за поддршка. Исто така, ги одразува и слабостите при наплата на приходите од минатото, тесната даночна основа и високото учество на неформалниот сектор“, се вели во образложението.

 

Државниот нето долг ќе продолжи да расте

Притоа се додава дека даночните приходи се зголемија во 2021 година, намалени се заостанатите даночни обврски, а се имплементираат реформи кои треба да придонесат за зголемување на приходите. Владата е решена да го подобри собирањето на приходите и управувањето со јавните финансиски, но релативно нискиот сооднос на приходите во однос на БДП ќе претставува предизвик за фискална консолидација, наведуваат од „Стандард и Пурс“.

Фото: Б. Грданоски

Предвидената фискална патека значи дека државниот нето долг ќе продолжи да расте, достигнувајќи 58 отсто од БДП до 2024 година, во однос на 50 отсто колку што беше во 2020 година.

„Северна Македонија го искористи својот фискален простор за да го ублажи влијанието на пандемијата, а долгот и натаму се зголемува – односот на нето долгот кон БДП беше околу 40 отсто пред пандемијата. Како што расте долгот, со текот на времето би можеле да се појават фискални ризици. Но, во моментов, Северна Македонија има корист од добрите односи со меѓународните финансиски институции и пристапот до нивните средства за финансирање и, особено, од силен пристап до пазарите на капитал. Во март 2021 година, земјата издаде еврообврзница од 700 милиони евра (нејзина осма) по рекордно ниски каматни стапки“, посочуваат од „Стандард и Пурс“.

Од таму додаваат дека тековните напори на владата за зајакнување на фискалната рамка може да помогнат да се обезбеди сидро за одржливи јавни финансии, доколку успешно се имплементираат. Владата ја усвои стратегијата за реформа на даночниот систем во декември 2020 година, со цел подобрување на наплатата на приходите и конечно, за поддршка на економскиот раст. Законот за буџети е во процес на донесување и тој вклучува воведување фискални правила (кои во суштина го одразуваат критериумите од Мастрихт за еврозоната) и формирање фискален совет.

Дефицитот на тековната сметка постепено ќе се намали на 2,1 отсто од БДП до 2024 година од 2,7 отсто во 2021. Во исто време, се очекува нето странските директни инвестиции да бидат во просек нешто под 3 отсто од БДП во текот на 2021-2024 година.

„Со намалување на неизвесноста од пандемијата, се очекува странските компании да продолжат со инвестициите во проширување на постојните капацитети. Меѓутоа, може да дојде до промени во синџирот на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, поради преминот од мотори со внатрешно согорување во Европа. Владата настојува да ја сочува атрактивноста на земјата за странските инвеститори како традиционалните (даночни) стимулации кои се под зголемена меѓународна контрола“, се вели во образложението при што се додава дека владиното надворешно задолжување делумно ги замени приватните надворешни приливи во 2020 година, па нето надворешен долг спрема приходите од тековната сметка се зголеми за 10 процентни поени на 34 отсто. „Очекуваме нето надворешниот долг да се намали во текот на периодот 2021-2024 година, на 25 отсто“, наведуваат од „Стандард и Пурс“.

Во однос на курсот за денарот и неговото врзување со еврото се вели дека се очекува да продолжи во догледна иднина. Девизните резерви се зголемија во текот на 2020 година-главно заради позајмувањата од странство-и во 2021 година. Од јули 2021 година, тие беа зголемени за 2 отсто на годишно ниво и покрај месечниот пад поради отплатата на еврообврзницата.

„Нашите основни очекувања се дека нема да има конверзија во странски валути од големи размери, така што девизниот курс ќе остане непроменет. Ова и покрај високиот раст на депозитите за време на пандемијата, вклучувајќи го и растот на девизни депозити. Народната банка на Република Северна Македонија, исто така, неодамна договори 400 милиони евра репо линија со Европската централна банка, која може да се распореди во негативно сценарио, но до сега не е искористена“, наведуваат од „Стандард и Пурс“.

Очекуваната инфлација од 2,2 отсто во 2021 година, ги одразува повисоките цени на енергијата и храната на меѓународните пазари, но исто така и домашните ценовни притисоци, бидејќи домашната побарувачка закрепнува и платите продолжуваат да растат.

 

Банкарскиот систем е стабилен

Според „СиП“, банкарскиот систем на Северна Македонија е стабилен, но квалитетот на средствата најверојатно ќе ослабне бидејќи истекува флексибилноста на регулаторните мерки. Сепак, учеството на нефункционалните заеми беше ниско, 3,4 отсто заклучно со вториот квартал 2021 година. Банкарскиот сектор остана профитабилен и високо капитализиран во 2020-2021 година, и кредитниот раст беше здрав.

Во оценката за кредитгниот рејтинг оваа агенција се осврнува и на одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка при што, меѓу другото, се вели дека повлекувањето на лиценцата немаше системски последици, како и дека владата не била вклучена во ваквата одлука, а гарантниот фонд за депозити ја презеде исплатата на осигурените депозити без вклучување на владиниот буџет.

„Меѓутоа, разбираме дека страните кои беа негативно погодени од повлекувањето на лиценцата изразија загриженост во медиумите во врска со надзорот и перформансите на банкарскиот сектор. Ова покажува дека, и покрај нивниот обично висок коефициент на капитал, малите банки може да бидат подложни на шпекулации во јавноста. Иако ова беше побиено од надлежните органи и меѓународните набљудувачи (како што е ММФ), овие епизоди ја истакнуваат важноста од одржување доверба во банкарскиот сектор и стабилноста на девизниот курс за да се избегне ненадејна нестабилност кај депозитите. Имаше некои повлекувања на депозити и конверзии во странски валути накратко во април 2020 година и некои повлекувања по одземањето на лиценцата на Еуростандард банка. Сепак, целокупниот пораст на депозитната база во 2020-2021 година сугерира дека централната банка беше успешна во одржувањето на довербата“, се вели во образложението на „Стандард и Пурс“ за оценката за кредитниот рејтинг на Македонија. (М.Ј.)