Креаторот на „францускиот предлог“ замина од тимот на Макрон


Александре Адам сега ќе биде претседател на Административниот суд

 

Александре Адам, креаторот на францускиот предлог за деблокирање на спорот со Бугарија, не е веќе советник за Европа на претседателот Емануел Макрон. Адам ја смени советничката функција во најтесната екипа на Макрон за да стане претседател на Административниот суд, што во Париз ја сметаат на исто ниво и со исто значење со работата што ја имаше во Елисејската палата. 

Адам како советник за Европа беше клучниот човек на Макрон за време на претседателството со ЕУ, особено поради тоа што во овој период дојде и до руската инвазија на Украина и Париз требаше да го координира европскиот одговор на потегот на Москва. Веројатно дел од тоа беше и наоѓање решение како да се тргне бугарската блокада на Македонија.

Адам беше со Макрон на самитот на НАТО во Мадрид, каде што според изјавите подоцна и на македонскиот претседател Стево Пендаровски, беше направен клучниот пробив за деблокадата. Тоа на прес-конференција во Мадрид го објави самиот Макрон. Александре Адам беше клучниот човек во тие преговори на маргините на самитот, а претходно беше во посети и на Скопје и на Софија.

Во круговите на француската дипломатија решението за Македонија се смета како значаен успех за Париз, бидејќи никој не очекувал дека ќе успеат да го одблокираат спорот. (Н.В.)