Креаторите на апликации на „Еп стор“ досега заработиле 320 милијарди долари


 

„Епл“ објави дека досега, од 2008 година, на креаторите на апликации им платил рекордни 320 милијарди долари. Исто така, компанијата моментално има повеќе од 900 милиони претплатници на различни услуги на „Епл“.

„Еп стор“ (App Store) се соочи со многу предизвици во текот на 2022 година и може да се каже дека беше најтешката година од постоењето на оваа услуга. Против „Еп стор“ беа покренати тужби и антимонополски акции, со цел ограничување на пазарната моќ. Министерството за правда на САД во моментов е во процес на пишување нова тужба против „Епл“, бидејќи во претходната тужба беше решено дека „Епл“ не е монопол, што според Министерството е погрешно толкување на антимонополскиот закон од страна на судот.

А во Европската унија беше прилично турбулентно, но и покрај сето тоа бизнисот со „Еп стор“ постојано расте. Компанијата соопшти дека повеќе од 650 милиони корисници од 175 земји ја посетуваат „Еп стор“ секоја недела.

Услугата за претплата за игри „Аркејд“ на „Епл“ исто така порасна во текот на изминатата година. Доби повеќе од 50 нови наслови и сега нуди повеќе од 200 игри.

„Епл мјузик“ нуди повеќе од 100 милиони песни, а „Епл фитнес плус“ ја прошири својата библиотека со вежби и медитации, која сега брои повеќе од 3.500. Покрај тоа, „Епл ТВ плус“ стана првиот тв стриминг сервис кој во 2022 година доби Оскар, а апликацијата „Епл ТВ и МЛС (Major League Soccer) потпишаа десетгодишно партнерство, според кое апликацијата ќе емитува фудбалски натпревари на претплатниците без ограничувања.