Краткиот игран филм „Шеќерни луѓе“ на фестивал во Франција


Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски денеска од 16:30 часот и в петок (2 декември) од 14 часот ќе биде прикажан во меѓународната селекција на 40-тиот филмски фестивал „Tous Courts“ во Екс-ан-Прованс, Франција.
 
Како што соопшти „Сузи Кју продукција“, филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм и досега има освоено шест награди на различни меѓународни фестивали за краткометражни филмови и е во селекција на уште 16 меѓународни фестивали во САД, Канада, Франција, Германија, Албанија, Италија, Парагвај, Турција, Романија и Аргентина.
 

Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.

Фестивалот „Tous Courts“ преку големиот број програми прикажува повеќе од 200 филмови – современи дела и од етаблирани автори.

– Веќе 40 години фестивалот е во потрага по филмови што го прикажуваат богатството и различноста на меѓународната продукција на кратки филмови. Целта на фестивалот е да им даде простор на креативноста и слободата, да ја зачува културната разновидност, да дозволи краткиот филм да се врати во кината, да придонесе за појава на нови таленти и да и даде на публиката уметничко задоволство во повторно откривање на богатствата на кратките филмови, соопшти продукцијата.