Кратка историја за ДУП-от во Ѓорче Петров – кој добива, а кој губи?


Од иницијативата О2, читко напишале што сѐ се случувало последните години во Општина Ѓорче Петров, пред во саботата да се изгласа ДУП за градска четврт С3 16, каде според него, треба да никнат згради од 21, 18, 16, 14 ката. 
 
„На вонредна седница вчера советниците на Општина Ѓорче Петров без ниту еден глас против (советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласале „за“, советникот на Гром „за“, советникот од  Демократски сојуз на Павле Трајанов исто „за“, Левица со едниот присутен советник „воздржано“ и советниците на СДСМ „воздржано“) си го изгласале мега ДУП-от за градска четврт СЗ 16, на потегот спроти пазарот во Ѓорче Петров“, пишуваа од иницијативата.
 
Вонредни седници  не се за гласање ДУП-ови, ама си свикале од денес за утре и во сабота си го изгласале.
„Во ДУП-ов се вцртани 31 зграда – една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум деветкатници, една шесткатница и девет петкатници“, потсетуваат.
 
Статистиката вели:
На згради предвидена е вкупно изградена површина од 214 илјади м2.
За големи трговски единици планирани се 93 илјади м2.
На 64 илјади м2 планирана е Г2 – лесна и незагадувачка индустрија.
Од друга страна,  ГУП-от предвидува 3,750 максимален број на жители, односно корисници во четвртта, додека новоизгласаниот  ДУП 7,244 или двојно повеќе.
ГУП-от вели максимално дозволена нето густина на населеност од 335 жители на хектар, а  ДУП-от дозволува 648.
Според ГУП-от треба да има 1,042 просечен број на семејства, а ДУП-от предвидува 2,012.
 
„Ама дека линиските центри (зградите покрај булеварите и собирните улици), идиотската одредба во ГУПот што го уништи Скопје, не влегуваат во финалните бројки, сè си е во пропишани рамки“, додаваат од О2.
 
Потстуваат дека целиот опфат на ДУП е во втора заштитна зона на бунарското подрачје Нерези-Лепенец, каде меѓу другото е забранета изградба на нови индустриски комплекси кои во технолошките процеси користат опасни и штетни материи. Забранета е изградба на лесна индустрија, на згради и сè што може да ги загади подземните води, освен ако стручна експертиза докаже дека нема да има штетно влијание врз подземните води, со посебни услови, строги мерки на заштита итн.
 
Приоритет пред било што друго мора да биде обезбедување на чиста вода за пиење не само сега, туку и за идните генерации, сметаат од О2.
 
Дополнително, по демантите кои стигнаа по прес-конференцијата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вчера, О2 појаснува дека Министерство за животна средина и ПП / Ministria e Mjedisit Jetësor dhe PH си го одобрува ДУП-от и новите индустрии и огромниот број на згради, не гледа проблем, не наоѓа за потреба да се изработи нова стратегиска оцена за влијанието на сите објекти, индустрија врз животната средина и врз здравјето на луѓето, особено од аспект на климатските промени и идниот недостаток на вода за пиење кој ќе го имаме.
 
Уште малку временска статистика:
 
ДУПов и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се залагаа да се донесе.
– Првата јавна анкета е во ноември 2020, кога градоначалник е Александар Наумоски од СДСМ. – Потоа повторна има во ек на годишните одмори во август 2021, па веднаш потоа уште една во септември 2021, пред локалните избори, но ДУПот не успева да го донесе пред да си замине.
– Последната, четврта јавна анкета е крај на ноември и почеток на декември 2022, кога градоначалник е сегашниот Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека беа во опозиција ВМРО-ДПМНЕ беа против носење на ДУПов, против бетонизација, а сега си го изгласаа без око да им трепне на вонредна седница.
– СДСМ тогаш беа за носење на ДУПов, а сега беа воздржани, зошто во опозиција, а и знаејќи дека и без нивните гласови ДУПот ќе се изгласа.
 

Заклучуваат дека целта е „да се затне цело Скопје и да се доселат уште не знаеме кои жители во градов, покрај постојаното иселување кое го имаме и да се загрозат подземните води од кои се снабдуваме за пиење во летните месеци, а кои во иднина, со климатските промени, ќе ни бидат уште попотребни“.