Красниќи и Точи уапсени во Косово, барани со потерница од македонското МВР


Од страна на косовското Министерство за внатрешни работи во текот на минатата недела од слобода се лишени лицата Бесим Красниќи и Фадил Точи кои се барани по потерница издадена од страна на Министерството за внатрешни работи за извршени тешки кривични дела, информира денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот Фејсбук профил.

Акцијата за приведување на двете лица, како што нагласува, е реализиранa во непосредна соработка и комуникација помеѓу Интерпол во Приштина и полициските службеници од Министерството за внатрешни работи во нашата земја.

–Согласно информациите со кои располагам понатамошната постапка за екстрадиција ја координира Министерството за правда, вели Чулев и додава дека МВР и понатаму презема мерки и активности за целосно и неселективно спроведување на законот.

Бесим Красничи е осомничен за повеќе дела и досега е осуден на 28 години и шест месеци затвор. Тој се бара за извршени кривични дела по член 288, 292, 235, 237, 386, 326 и 313 од Кривичниот законик. Наредба за негово приведување е издадена од Основен суд Скопје 1 за издржување на затворската казна.

Фадил Точи се бара за извршени кривични дела по член 382, 396, 235, 386, 288, 292,131, 326, 313 и 383 од Кривичниот законик. Неговата вкупна затворска казна е 41 години и 7 месеци.  Тие беа приведени на 3 јуни 2009 година за предизвикување изборни инциденти.

Точи се бара со потерница за тероризам, подготвување на тероризам, здружување заради непријателска дејност, напад врз полицијата, за убиство во обид, спречување службено лице во вршење службено дејство, за насилство, разбојништво и за предизвикување општа опасност.

Братот на Бесим Красниќи, Агим, во февруари избега од штипскиот затвор, кога беше пуштен на викенд и не се врати. Агим Красниќи и неговата седумчлена „кондовска” група беше уапсен во 2008 година за нерегуларности и за предизвикување неправилности на тогашните парламентарни избори, неовластено поседување оружје и злосторничко здружување, а цела група доби вкупно 50 години затворска казна.