Кралот на валцерот Андре Риу со божикно цеде “Jolly Holiday” од концертите во Мастрихт


Кралот на валцерот, познатиот холандски виолинист и светска музичка атракција Андре Риу, ќе ги израдува своите фанови со своето ново издание “Jolly Holiday” кое премиерно ќе излезе на 13 ноември 2020-та година. Од Password Production, пак, го најавуваат и неговиот концерт во Скопје, кој треба да се одржи една година по издавањето на албумот, поточно на 12 ноември 2021 година.

Инаку, “Jolly Holiday” ги содржи најпознатите божиќни мелодии на сите времиња: “Jingle Bells“, “We Wish You a Merry Christmas“, “White Christmas“, “Silent Night“, “O Holy Night“, “The Holy City“, “Walking in the Air“, “Sleigh Ride“, “Oh When the Saints“, “I Will Follow Him“, “Panis Angelicus“, “Amen“, “Mary’s Boychild“ или “What a Wonderful World“, како и ексклузивен поглед зад сцената, во волшебниот свет на Андре Риу.

“Божиќ е мојот омилен период од годината! Со овој албум, сакам да ве одведам на прекрасно музичко патување до зимската земја на чудата – во замокот од бајкитe и светот на Дедо Мраз, за да ја почувствуваме убавината на сезоната и магијата на Божиќ. Долго време, мојот сон беше да одржувам божиќни концерти во родниот град Мастрихт. А, во 2019-та овој сон стана реалност. Oва ЦД и ДВД ја доловува фантастичната атмосфера на овие концерти, како и ексклузивниот поглед зад сцената. Многу сум возбуден што имам шанса да го споделам со вас! Ви посакувам прекрасна празнична сезона, исполнета со многу музика”, посочува Андре Риу.

Целиот живот на познатиот виолинист Андре Риу е исполнет со исклучителни достигнувања, преку кои го добива статусот на најголем уметник во светот на класичната музика во моментов. Со над 40 милиони продадени албуми ширум светот и повеќе од 700.000 продадени билети на годишно ниво (во 2018-та и 2019 година) не е ни зачудувачки што New York Times го нарекува “маестро на широките маси”.

Во декември 2019 година, над 35.000 фанови од целиот свет, отпатуваа во Мастрихт за да им се придружат на Андре Риу и неговиот оркестар Јохан Штраус за три незаборавни и романтични вечери исполнети со божиќна музика.

Со новиот албум на Риу, сега можат сите да уживаат во оваа уникатна атмосфера и прекрасно концертно искуство, од удобноста на нивната дневна соба.

Андре Риу во Скопје одржа емотивен и незаборавен концерт во 2019 во спортската сала „Борис Трајковски“, а иако беше најавен негов повторен настап во ноември 2020, поради пандемијата тој треба да се случи во ноември 2021.

Неговите настапи се многу повеќе од само музика – раскошни фустани, романтични светла и пространи платна зад оркестарот, заедно со бројни интернационални солисти и сето тоа зачинето со добар хумор. Таму е дозволено да се смее, плаче, игра, танцува… перфектен спој за одлична забава.