Кралот на марихуаната Биг Мајк: Македонија ќе биде европска суперсила на канабисот


Американскиот Крал на марихуаната или повеќе познат како Биг Мајк е заинтересиран за инвестирање во Македонија. Тој е еден од најбогатите луѓе во САД кои се занимаваат со производство на канабис за медицински и рекреативни цели.

Биг Мајк деновиве престојува во Скопје и на својот профил на Инстаграм сподели видеа и фотографии од средба со претставници на централната и градската власт.


Прва средба остварил со премиерот Зоран Заев, а потоа и со градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, а денеска и со министерот за здравство Венко Филипче.
– Македонија има голем потенцијал, возбуден сум да ви најавам дека земјата ќе ја направам европска суперсила на канабисот – пишува Мајк на својот Инстаграм профил по средбата со Заев.


Биг Мајк од средбата со градоначалникот Богдановиќ вели дека во детали разговарале за канабисот како лек и посочува дека Богановиќ има разбирање за тоа.
Подоцна, тој се сретнал и со министерот за здравство, Венко Филипче, но не сподели подетални информации од средбата.


Биг Мајк е познат бизнисмен во САД со бизнисот и лобирањето за легализација на канабисот за медицински цели. Тој е извршен директор на „Адванс нутриентс“, компанија која е призната како светски лидер во истражување и развој на хранливи материи и додатоци специфични за марихуаната.
Биг Мајк често ги полни и насловните страници на таблоидите поради неговиот динамичен живот и забавите.