Кралот Чарлс III нема да биде на банкнотите на австралискиот долар


 

Кралот Чарлс III нема да биде на новата банкнота од пет долари во Австралија, објави централната банка на земјата.

Новиот дизајн ќе им оддаде чест на „кутурата и историјата на првите Австралијци“, соопштено е од Reserve Bank Australia (RBA).

Портретот на покојната кралица Елизабета II се појавува на дизајнот на банкнотата од пет долари која во моментот е во оптек.

Смртта на кралицата минатата година повторно покрена дебата за иднината на Австралија како уставна монархија.

„Оваа одлука на Одборот на резервната банка следи по консултациите со австралиската влада, која ја поддржува промената“, се наведува во соопштението од банката.

„Банката ќе се консултира со ‘First Australians’ во дизајнирањето на банкнотата од 5 долари. Новата банкнота ќе биде дизајнирана и печатена во следните неколку години. Во меѓувреме, сегашната банкнота од 5 долари ќе продолжи да се издава. Ќе може да се користи дури и по издавањето на новиот дизајн“, се додава.

Банката не планира да го менува дизајнот на другите банкноти, а не се знае ни датумот за новиот дизајн на банкнотата од 5 долари.

Кралот Чарлс III стана британски монарх по смртта на мајка си во септември.

Како британски монрх, тој е шеф на државата Австралија, Нов Зелнад и 12 други кралства од Комонвелтот надвор од Обединетото Кралство, а улогата му е главно церемонијална.

Портретот на британскиот монрх се појавува на најмалку еден дизајн во секоја серија австралиски долари.

Но, во септември Австралија рече дека сликата на новиот монарх нема автоматски да ја замени кралицата на парите од пет долари и дека би можеле да ја заменат други австралиски фигури.

Поголемиот дел од австралиската валута веќе содржи фигури и уметнички дела на автохтоните австралиски народи.

На референдумот во 1999 година австралиските бирачи одлучија британскиот монарх да го задржат на чело на државата.

Австралија од 2021 година официјално ја промени својата национална химна за да се тргне референцата дека земјата е „млада и слободна“.