Кралицата Елизабета го избра замокот Виндзор за дом за живеење


Англија- Кралицата Елизабета Втора трајно се иселила од нејзината резиденција во Лондон, Бакингемската палата, пишува The Sunday Times.

Монархот избра да се самоизолира во замокот Виндзор, кој се наоѓа веднаш надвор од Лондон, кога Британија за прв пат влезе во локдаун во март 2020 година. Во тоа време, немаше индикации од палатата дека тоа ќе биде постојан потег – но кралицата оттогаш остана таму.

Според кралската уредничка на Тајмс, Роја Никхах, нејзиното височество одлучило Виндзор да го направи „вечен дом“ и ќе ги преземе идните кралски ангажмани од замокот Виндзор наместо од Бакингемската палата.

„Виндзор е местото што го сака. Таму ги има спомените со принцот Филип, таму ги има своите коњи и семејството во близина. Има смисла“, изјави кралскиот автор Хуго Викерс за The Sunday Times.

Преместувањето може да се должи на работите за реновирање што се одвиваат во Бакингемската палата од 2017 година, според кралскиот дописник на „Дејли експрес“, Ричард Палмер.

Иако монархот првично имаше намера да остане во палатата во текот на 10-годишното реновирање, пандемијата и дозволи да размисли каде се чувствува најудобно, објави Палмер.

Според British Heritage, реновирањето се очекува да чини 500 милиони долари.

Палатата служи како официјална резиденција на кралското семејство од 1837 година и се смета за административно седиште на монархот, според кралската веб-страница. Има 775 соби, вклучувајќи 19 државни соби, 52 кралски и гостински спални, 188 спални соби за персоналот, 92 канцеларии и 78 бањи, додаде веб-страницата.

Резиденцијата во Лондон сепак се очекува да биде домаќин на голем број настани во чест на платинестиот јубилеј викенд на кралицата во јуни, вклучително и парадата на Trooping the Color и Платинумската забава на Би- би- си во Палатата.