„Крајот на драмата во Србија не се гледа“: Интервју со Милан Јовановиќ, српски аналитичар

Вучиќ жонглираше со премногу топки. Имаше и други политички хипотеки и тие бараа голем дел од неговото внимание. Но, сè има рок на траење, вели Јоавновиќ


Вучиќ е важен за српскиот свет, но српскиот свет е руски проект, чија глава е во Москва, а срцето е во ентитетот на Додик, Република Српска, влеи Милан Јовановиќ

 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, нема добро решение за излез од кризата во која е навлезена Србија по падот на настрешницата во Нови Сад и смртта на 15 луѓе. Тој не може да се обрати до ниедна структура на српското општество за излез од кризата, a студентите се секогаш чекор или два пред него за време на овие протести. Ниедна структура од српското општество не е подготвена да го ризикува незадоволството на студентите и пошироката јавност за да му помогне на Вучиќ да ја поврати контролата што се чини дека ја губи врз ситуацијата во земјата. Ова во интервју за „Независен“ го вели Милан Јовановиќ, долгогодишен новинар и аналитичар од Србија. Јовановиќ е претседател на Форумот за безбедност и демократија. Тој вели дека Вучиќ го загубил наративот во оваа криза затоа што жонглирал со премногу топки. Според Јовановиќ, професорите, за разлика од властите, чувствуваат дека овие студентски протести се нешто друго и дека новата генерација млади луѓе е сосема поинаква. И дека веќе ги променила и нив, професорите. Со падот на настрешницата се урна главниот столб на легитимитетот на власта која Вучиќ ја востанови во Србија, вели Јовановиќ.

 

Што претставува оставката на премиерот Милош Вучевиќ – почеток на крајот на српската криза или почеток на драма што допрва доаѓа?

Живееме криза каква што досега немало. Тоа е реченицата на канадскиот колумнист Ендрју Којн упатена до Американците кога го избраа Доналд Трамп по втор пат. Но, таа за нас има уште подраматично значење. Всушност, нашата криза е многу полоша затоа што, за разлика од Америка, во Србија не постои демократската традиција која таму сè уште ја има, како што можеме да видиме од навестувањата за отпор, иако не многу успешен во раните денови на вториот авторитаризам на Трамп. Вучиќ е на власт од 2012 година во Србија, каде што се градат автопати, но системот на вредности и способноста за функционална општествена комуникација се целосно уништени.

Србија, како што духовито рекоа студентите од Ниш, е Бермудски триаголник во кој исчезнуваат вистината, правдата и демократијата. Оставката на Вучевиќ може да се смета за почеток на крајот на српската криза. Онаа криза којашто ја живеевме изминативе години, но всушност само почеток на драмата чиј крај не се гледа, како ни расплетот, а се плашам дека ни правците по кои би можела да оди. Претседателот на државата остави да се види во наредните денови дали парламентарното мнозинство ќе избере нов премиер и влада или ќе има нови избори. И двете опции се опасни бидејќи е целосно неизвесно како Српската напредна партија ќе се обиде да ги задржи механизмите со кои би можела да управува со сегашната криза.

 

Во политиката е нормално во време на криза клучните соработници на оној што владее да поднесата оставка за „шефот“ да остане колку-толку заштитен. Што мислите, дали Вучевиќ беше принуден да поднесе оставка по оној голем 24-часовен митинг на Автокоманда или сфати дека настаните во Нови Сад и тепањата со безбол палки на една девојка се премногу за да може да го поднесе?

Оставката на Вучевиќ од местото претседател на владата секако беше изнудена. Нејзиниот официјално наведен повод, причина, брзо ќе биде заборавен. Посебно што набрзо по оставката на Вучевиќ, на социјалните мрежи и во еден опозициски весник беа наведени други причини, во кои со споменатите тепачи директно се поврзуваат со синот на Вучевиќ, па дури и со самиот Вучевиќ.

Но, надвор од тоа, ако премиерот и владата реагираа веднаш и одговорно, ако по 1 ноември не се најавуваше реконструкција на владата дури за во март, тајмингот и начинот на кој дојде до оставката е демонстрација на отсуство на самостојност при донесувањето на таквата одлука од страна на номинално најмоќниот човек на државата.

 

Трагедијата со настрешницата во Нови Сад запали фитиљ што сега Александар Вучиќ не може да го изгасне. Зошто тој конкретен настан ги предизвика сите овие протести? Дали чашата едноставно се прелеа со настрешницата?

Привидот на успешноста кои го даваа големите инфраструктурни проекти беше клучен фактор за пасивноста на граѓаните кои негодуваа мислејќи дека „можеби не е сѐ како што треба, но барем возовите одат на време“. Падот на настрешницата падна на вториот дел од оваа реченица. Со падот на настрешницата се урна главниот столб на легитимитетот на оваа и ваквата власт која Вучиќ ја востанови во Србија.

 

Во политиката колку подолго го одложувате објавувањето на фактите за некоја криза или трагедија, толку повеќе таа ќе ве следи. Зошто српските власти, а пред сѐ претседателот Вучиќ, прво лажеа, а потоа даваа информации на лажичка? Дали мислеа дека оваа криза ќе помине како и другите пред неа? Дека пропаганда едноставно ќе сомеле дисонантните тонови.

Политичката проценка која ја диктираше реакцијата на власта околу уривањето на настрешницата, како и настаните што следеа, без двоумење може да се окарактеризира како една од најлошите во поновата српска политичка историја. Видовме само дел од нејзините штетни последици во форма на оставка на премиерот, но таа оставка сепак претставува само врв на ледениот брег.

 

Што беше пресудно студентите да се вклучат во протестите?

Нападите и провокациите од политички функционери и активистите поврзани со СНС врз учесниците на комеморативните собири.

 

На прв поглед, ситуацијата изгледа надреална – професорите им се восхитуваат на студентите не само на нивната организација, туку и на длабочината на нивните ставови и како тие смирено го образложуваат она за што се борат. Дали затоа што професорите сфатија дека нивниот комформизам им ја блокирал секоја акција?

Студентите оваа зима ме потсетија на најсветлите моменти од историјата на нашата култура. Оваа зима ме тие потсетуваат на нашите заборавени надреалисти и нивното попусто спротивставување. Александар Вучо, Коча Поповиќ, Оскар Давичо и Душан Матиќ, со кого еднаш зборував за ова кога бев студент. Во мрачните триесетти години на минатиот век, тие се спротивставија на наметнатите околности и на принудата на колективен идентитет и активност со својот непредвидлив активизам, кој беше постојан и непоткуплив, кој успешно ја избегнуваше идеолошката и моралната дефиниција, како студентите денес.

Еден српски свештеник ги нападна студентите на веб-страницата на СПЦ дека живеат во друг универзум, повикувајќи ги да се вратат во СПЦ, критикувајќи ги на речиси гебелсовски начин. Српската православна црква се огради од ова, бидејќи со критикување на децата, свештеникот ја уништуваше самата срж на патријархалниот морал на кој се заснова црквата. Патријархот потоа се обиде да го обели со реченицата дека за тоа што се случува „најголемата одговорност е на оној кој има најголема моќ“. Јавноста го критикуваше патријархот дека многу доцна се вклучил во она што се случува. А му одговори и Вучиќ, цитирајќи го не Порфириј, туку „нашиот свет покоен патријарх Павле“ на неговиот следен митинг.

Од друга страна, ниту Српската напредна партија (СНС), ниту Вучиќ досега не најдоа начин да одговорат на ефективен механизам на студентски протест, кој со своите методи ја подигнува свеста и ја придобива најшироката јавност, која во студентите гледа надеж и спас по долгогодишна контаминација и индоктринација или зашеметена или заробена во политичкиот мејнстрим на Вучиќ и неговите политички опоненти.

Величественото фијаско на Српската напредна партија беше оној црвен среден прст со кој се обидоа да се спротивстават на црвените дланки. Професорите, за разлика од властите, чувствуваат дека студентскиот активизам е нешто друго и дека новата генерација млади луѓе е сосема поинаква. И дека веќе ги променила и нив, професорите. Студентите го трансцендираа светот на Вучиќ и методите на владеење со кратка порака „не си важен“, која веднаш стана камен меѓник на ерата на Вучиќ, претходното, сегашното и идното.

 

Кога гледаме од Македонија, се чини дека студентите се политички попаметни од претседателот Вучиќ, кој секогаш знаел да ја реши секоја криза. Сега изгледа како секогаш да е два-три чекори поназад и дека сите негови понуди (како онаа за кредити за станови, па дури и бесплатен јавен превоз во Белград) се истрели во празно. Како и зошто Вучиќ го загуби наративот?

Жонглираше со премногу топки. Србија и пред падот на настрешницата имаше неколку сериозни и нерасчистени политички хипотеки и скандали од Јованица до Бањска. Тие бараа значителен дел од неговото внимание и капацитет. И ескивирање. Но, сè има рок на траење.

 

За Вучиќ и СНС ситуацијата во овој момент изгледа нерешлива. Новата влада веројатно нема да постигне ништо, а веројатно нема ниту нови избори. Дали Вучиќ сфаќа дека главната цел е всушност тој, бидејќи ги презеде функциите на владата, парламентот, министерствата и обвинителството? И дека сите беа чираци.

Мислам дека Вучиќ веќе не се брани себеси. Несомнено, од самиот почеток е свесен дека исполнувањето на барањата на студентите ќе го загрози самиот систем во чиј центар се наоѓа тој. Предизвикот за која било идна влада на која тој ќе кумува со избирање на премиер ќе биде да ја разреши актуелната криза на начин што нема да го доведе во прашање функционирањето на тој и таквиот систем.

Ова сега станува појасно бидејќи гласноговорниците во првичната промоција на движењето кое тој го заговара истакнуваат дека ерата на демократијата веќе е заменета со ерата на лидерите, спомнувајќи ги Трамп, Путин, Ши, Орбан, Фицо, па дури и Кадиров! Се разбира, една од задачите на идната влада ќе биде да спречи излегување на површина сè покомпромитирачки информации, одразувајќи ја природата и недостатоците на таквите власти.

Србија, како што духовито рекоа студентите од Ниш, е Бермудски триаголник во кој исчезнуваат вистината, правдата и демократијата. Од протестот во белградска Автокоманда (Фото: Ројтерс)

 

Како реагираше српската јавност на информациите на владата дека Хрватска е вмешана во студентските протести и дека странските тајни служби ги користат студентите за уривање на владата на СНП?

Делумно ги игнорираа, делумно ги исмеваа неговите старо-радикални корени.

 

Српската криза сега изгледа како рововска битка. Александар Вучиќ нема добри решенија, станува нервозен и не знае што да преземе, а студентите внимаваат да не се претворат во политички агитатори. До која структура во српското општество би можел да се обрати Вучиќ за помош за излез од кризата?

Кон ниедна. Ниедна од нив не е подготвена да го ризикува незадоволството на студентите и пошироката јавност за да му помогне да ја поврати контролата што се чини дека ја губи врз ситуацијата во земјата. Најдоброто на што може да се надева во моментов се авантуристички или политички исцрпени поединци. Но, нивното присуство би му направило повеќе штета отколку корист.

 

Опозицијата е речиси невидлива за време на овие студентски протести. Дали студентите намерно се оградија од нив или фрагментираната опозиција сфати дека ако се залепат на студентските протести, сите ќе изгубат многу брзо. Или можеби некој однадвор ги советувал да се оддалечат.

Една од причините зошто српската опозиција денес е на маргините е тоа што не можеше да им понуди на студентите кредибилна политичка алтернатива која би довела до исполнување на нивните барања. Или барем да се воспостави систем во кој би било можно нивно исполнување. И затоа студентите не ја ни видоа. Но, опозицијата во одреден момент ќе мора јавно да излезе од сегашната оддишка која ѝ ја овозможија студентите, не заради лична промоција, туку за да ги заштити самите студенти. Тоа ќе биде нивна голема одговорност.

Од пречекот на белградските студенти кои тргнаа пеш во Нови Сад

 

На крајот, кризата мора да има политичко решение. Кој би можел да учествува во тоа и дали на крајот можеби ќе се формира експертска влада? Каде би биле студентите?

Би сакал студентите да бидат на бината кога ќе се доделува Нобеловата награда за мир, иако мислам дека студентите не ги интересира Нобел, туку државата, и тоа демократска држава во која институциите нема да се управуваат од едно место и во кои таа демократска држава ќе биде посилна од секоја власт власт и поединец.

Клучот за решавање на кризата не е во владата, туку во институциите кои претходните влади политички ги уништуваа последните години – пред сѐ во обвинителството. За да биде дел од политичко решение, владата мора да претставува јавен гарант дека на овие институции ќе им се овозможи да ја завршат својата работа, вклучително и спроведување сеопфатна истрага за трагедијата и потоа утврдување на одговорноста на нејзините главни протагонисти во фер процес. Во таа смисла, студентите се политичките повереници на таквата влада.

 

ЕУ сè уште реагира претпазливо, речиси незаинтересирано, на настаните во Србија. Дали изгледа подобро за ЕУ ​​и за важните европски земји да го имаат за разговор Вучиќ, а не некој друг? И дали Вучиќ сега би сакал да седи само на американско столче? Амбасадорот Кристофер Хил цело време му го држеше тоа столче на Вучиќ?

Причината зошто ЕУ и САД се чини дека го поддржуваат само Вучиќ е тоа што често може да се слушнат неконзистентни политички пораки од опозицијата кога станува збор за европската перспектива на Србија, нејзиниот однос со Русија и преговорите со Приштина. Вучиќ не е идеален како соговорник за овие прашања, но не е непознатица.

Од друга страна, пак, неговите последни истапувања покажуваат дека Хил повеќе не живее овде. Никој не гарантира дека европскиот пат на Србија нема да се претвори во белоруски. Се сеќавам на протестите во Минск кога се чинеше дека е дојден крајот на Лукашенко, а тој моментално е сè уште на власт и делува дека е помоќен отколку тогаш, и секако создаде правна држава која го одржува на власт.

 

Што ќе биде со српскиот свет ако падне Вучиќ? За празникот Свети Сава ја видовме неговата голема манифестација во Скопје на чело со Милорад Додик, патријархот Порфириj и неколку министри?

Вучиќ е важен за српскиот свет, но српскиот свет е руски проект, чија глава е во Москва, а срцето е во ентитетот на Додик, Република Српска, и сосема е можно да го преживее заминувањето на Вучиќ. Краткорочно, доколку Вучиќ си замине, проектот би ја изгубил сега својата клучна фигура, но иднината на рускиот српски свет е тесно поврзана со успехот на попрогресивните политички сили во земјата да ја направат Србија дел од европскиот свет.