Крај за ерата на популистите во Полска, фантомската влада не доби доверба


Премиерот Матеу Моравјецки по изгласувањето недоверба (Фото: ПАП)

 

Конзервативната влада на Матеуш Моравјецки го загуби гласањето за доверба во полскиот парламент, отворајќи го патот за коалицијата под водство на Доналд Туск да ја преземе функцијата оваа недела и ставајќи крај на осумгодишното владеење на партијата Право и правда (ПиС). Неприкосновен владетел на Полска во овие години беше лидерот на ПиС, Јарослав Качињски.

Моравјецки имаше долго обраќање во Сејмот, иако и самиот знаеше дека неговата фантомска влада составен пред две недели нема да добие поддршка. За неговата влада гласаа 190 пратеници, а против беа 266.

Овој потег доаѓа речиси два месеци по изборите во Полска, каде коалицијата на опозициските партии освои најмногу места. Сепак, полскиот претседател Анджеј Дуда му ја даде првата шанса на Моравјецки за формирање влада.

Во кино во Варшава се следеше заседанието на Сејмот. Не изостанаа и пуканките (Фото: АП)

Според уставот сега Сејмот (парламентот) го предлага премиерот, а тоа најверојатно ќе биде Туск. Тој утре треба да ја претстави новата влада, а по изборот во четврток и петок да присуствува на многу важниот самит на европските лидери.

Јутјуб каналот на Сејмот денеска ги доживеа златните врвови на популарноста, бидејќи го следеа 230.000 луѓе. Во кино во Варшава се следеше гупно седницата на Сејмот. Не изостанаа и пуканки.