Крај на врската на Ирина Шајк и Бредли Купер


САД – Уште една холивудска љубовна приказна е завршена. Иако веќе со месеци се зборува дека врската на топ моделот Ирина Шајк и глумецот Бредли Купер не е стабилна, пристигна и официјална потврда дека оваа четиригодишна љубовна приказна заврши. Двојката веќе пријателски се договара за старателството над двегодишната ќеркичка Леа.

За кризата во нивната врска почна да се зборува уште од време на снимањето на филмот „Ѕвездата е родена“, а се зборуваше и дека односот на Купер и Лејди Гага не е само пријателски. Нивното дружење и по премиерата на филмот, како и прекинувањето на свршувачката од страна на Лејди Гага, само дополнително ги подгреваа гласините.

Веста за разделбата на Купер и Шајк дојде откако манекенката е фотографирана без скапоцениот свршенички прстен, а потоа следуваа и фотографиите на кои се гледа дека Шајк со куферите го напушта домот на глумецот.

Парот врската ја започна во 2015 година, но својата приватност секогаш успеваа да ја сочуваат. Иако често се појавуваа заедно на црвените теписи на важните настани, на годинешната Мет- гала манекенката се појави сама.