Крај „Лидл“ во Битола ќе никне трговски комплекс

„Лидл“ започна да се гради ова лето, а според плановите треба да биде завршен до август 2024 година. Во негова близина се гради трговскиот центар „Блис“


Градилиштето на „Лидл“ во Битола

 

БИТОЛА – Општина Битола планира да гради комплетна инфраструктура за продажниот центар на познатиот синџир „Лидл“ и трговскиот комплекс „Блис“ чии градби започнаа на локацијата на Дулие на самиот влез во Битола од страната на Прилеп. Изградбата на инфраструктурата: коловоз, канализациска мрежа, водовод, ново улично осветлување е дел од Програмата за развојни планови на Општина Битола за 2024-2026 година што утре ќе биде ставена на дневен ред пред битолските советници.

Во моментов мнозинството во Советот е во рацете на СДСМ и независните советници од „Поинаку“, како и партиите ДОМ и ДУИ, па неизвесно е дали овие планови на градоначалникот Тони Коњановски за развој на Битола ќе добијат зелено светло.

„Лидл“ започна да се гради ова лето, а според плановите треба да биде завршен до август 2024 година. На локацијата веднаш до него се гради и трговскиот комплекс „Блис“ на површина од 20.000 квадратни метри, така што покрај двата објекти треба да поминува сосема нова улица и да се реконструира околната улична мрежа во функција на овие капитални објекти.

„На локацијата кај Дулие се градат два капитални објекти ‘Лидл’ и ‘Блис’, кој ќе биде четири до пет пати поголем од соседниот објект. Тука според планот треба да се направи една комплетно нова улица со канализациска мрежа, водовод и електрична инсталација. Во исто време треба да се уреди и докомплетира постојната улица покрај Еврејските гробишта со нови тротоари и цел простор да добие архитектонско – естетско обликување на просторот. Добро е да гледаме што повеќе издигнати кранови, во градот да се гради и вложува“, изјави стопанственикот Јорго Шундовски, од фирмата „Форми“ која заедно со „Беком“ се градители на „Блис“.  

За да се заокружи оваа инфраструктурна целина кај Дулие во Битола треба да се реконструира и комплетната инфраструктура на влезот на Битола од страната на Скопје, односно улицата „8 Септември“, која сега остава грда слика за градот.

На влезот во Битола од страната на Прилеп се гради трговскиот центар „Блис“

Исклучително важна за битолското стопанство е и обновата на улицата „Индустриска“ во индустрискиот дел на Битола (од населбата Боримечка до мостот на реката Курделец) каде се наоѓаат голем дел од стопанските капацитети и помали бизниси од градот. Таму на „Индустриска“ сликата е повеќе од очајна со раскопаната улица со дупки како кратери и насобрана вода.

Каков  исход ќе има утре во Советот развојната програма на Битола, засега е тешко да се претпостави со оглед на тоа што со претходниот предлог ребаланс на општината од мнозинството не беа прифатени повеќе инфраструктурни проекти, а од советниците беа дадени амандмани за други проекти, кои власта најголем дел ги прифати.

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека доколку развојната програма не добие поддршка од мнозинството советници се загрозуваат инвестициите на „Лидл“ и „Блис“,  а со тоа и отворањето на нови работни места.

„Негласањето на развојна програма ќе значи дека Советот е против приватните инвеститори кои своите финансиски средства ги инвестираат во Битола и ќе се испрати лош сигнал и кон идните инвеститори. Нашата задача како советници е да креираме нови можности за инвестирање“, изјави Бојан Бојкоски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од советничката група на СДСМ потенцираат дека општината секогаш добила поддршка за клучни проекти во градот, но направила многу малку од тоа.  

„Како во минатото, така и денес ние даваме поддршка за реализација на клучни, пред сѐ капитални проекти  во нашиот град. Меѓутоа, се сомневаме во способноста на градоначалникот и неговиот тим во нивната реализација. Овој заклучок го темелиме врз база на тоа што мал број на проекти се реализирани во Битола во изминатите две години откако е на власт ВМРО-ДПМНЕ и Коњановски“, изјави Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.

Планираните средства за развојната програма на Општина Битола до 2026 година, изнесуваат близу 1,4 милијарди денари.

„Во периодот од јануари 2022 година досега се изготвени 40 нови проекти кои што ќе овозможат подобрување на  комплетната инфраструктура, во различни делови на општината, вклучувајќи ги влезовите на градот“, изјави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. 

Во Развојната програма на општината влегуваат со години заборавени улици од централното градско подрачје,  каде само се крпат и пополнуваат дупките на асфалтот, а при пороен дожд улиците се под вода. Со години наназад во недолична состојба се и улиците на битолската населба Баир, каде заради неизградената инфраструктура течат фекалии по улиците.