Крадците на НЛБ банка имале јатаци?

Експозитурата на НЛБ Банка во скопската населба Чаир, која беше ограбена во понеделникот, вчера остана затворена, а крадците останаа недостапни за полицијата. Управата на банката утврди дека во грабежот биле украдени 150.000 евра.
Иако Министерството за внатрешни работи соопшти дека при грабежот бил повреден само чуварот, сепак во соопштението од банката се вели дека имало тројца повредени, двајца вработени во експозитурата и работникот што го обезбедувал објектот, но сите тројца се пуштени на домашно лекување.
„Банката продолжува да работи редовно и да соработува со надлежните органи за најбрзо и ефикасно решавање на случајот“, соопштуваат од банката која од денеска ќе почне да работи како и претходно.
Неофицијално во полиција биле приведени на распит неколкумина осомничени за грабежот, но од МВР не ја потврдуваат оваа информација. Од скопското обвинителство велат дека се собираат доказите што треба истражните органи да ги доведат до разбојниците. По грабежот биле преземени сите оперативни мерки и известување на најблиските гранични премини.
Четворицата крадци кои влегоа во експозитурата маскирани и вооружени го извршија грабежот среде бел ден на една од најпрометните улици во Чаир. Поранешниот помошник директор во Бирото за јавна безбедност, Љубомир Ѓурчески, вели дека разбојниците кои ја ограбија експозитурата, која е обезбедена и со видеонадзор, добро ги познавале објектот и околината каде што е сместен и биле добро организирани. Но, најбитно од сè во овие грабежи е логистиката на овие криминални групи. Возилото со кое избегале разбојниците беше најдено веднаш по грабежот, запалено на улица која води кон гробиштата во Бутел, на само еден и пол километар од ограбената банка, на место каде што немало никаков видеонадзор. По палењето на возилото, крадците или се скриле во некоја од околните куќи или избегале со друго возило.
„Ваквите криминални групи секогаш имаат добра логистика која им помага да го променат или да го запалат возилото и да ги уништат ДНК-трагите. Сега увидните екипи тешко ќе може да изолираат траги од ДНК, кои ќе можат да ѝ помогнат на истрагата“, вели Ѓурчески. Тој анализира дека ваквите грабежи се тешки кривични дела кои тешко се откриваат и бараат студиозен пристап. Според него, во ваквите случаи треба да дојде до израз работното искуство на истражителите кои треба добро да ја познаваат средината каде што е извршен грабежот, но и криминалните групи што вршат ваков вид кривични дела.
Ѓурчески вели дека грабежот треба да се истражува во насока на тоа дали можеби крадците имале логистика внатре во банката бидејќи кражбата е извршена во 10:30 часот, период кога има голем прилив на пари, односно кога фирмите го уплаќаат платниот промет.
„Тоа се околности што сторителите ги знаат, односно некој однатре им посочил кога се уплатите, кога имало најголем прилив на средства“, вели Ѓурчески.
За него е чудно кога при вакви грабежи, лицата што се должни да употребат огнено оружје за да го заштитат објектот завршуваат со физички напад. Освен овој факт тој го потенцира и социјалниот статус на обезбедувачите кои работат за ниски плати и тоа што во последните години лиценци за обезбедување добиле лица чиишто имиња ги имало во крим-евиденцијата во Министерството за внатрешни работи.
НЛБ Банка е една од најголемите и најпрофитабилни банки, но голем удар за довербата во банката беше милионскиот грабеж кој се случи пред две години. Вработен во банката украде 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра од трезорот, по што четворица беа осудени на затворски казни од околу 20 години, но во суд не кажаа каде се парите што ги украле. Обвинителството утврдило дека во првата недела од април 2017 година, првите четворица обвинети со умисла ја искористиле работната позиција, познавајќи ја банката и одзеле 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. Додека на 10 април, од банката се украле 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра.
Главниот обвинет за грабежот се опишуваше како мирен човек, одговорен кон работата и колегите, грижлив родител на две малолетни деца. Полицијата го приведе три часа откако со себе ја понел торбата преполна со пари.
Во суд, обвинетиот Бобан Смилевски тврдеше дека делото не го сторил за имотна корист, туку бидејќи имал големи долгови за кои добивал закани и уцени и тој и неговото семејство.
Но, Смилевски не го извршил сам грабежот туку му помогнале и други лица. Првообвинетиот Смилевски ја искористил довербата во банката и ги убедил другите да ги уништат доказите, тврдеше обвинителството. Откако ги примил парите, неговиот брат Горан го фрлил телефонот за да ги уништи доказите, а Минчевски со возило „голф“ ги пренел парите и се обидел да ги изнесе надвор од Македонија.
Обвинение има и за уште четворица раководители во НЛБ, кои не го признале делото и ним ќе им се суди во одвоена постапка.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски

loading...