Укинувањето на сертификатите во овој момент нема логика, заклучи Комисијата за заразни болести

Според д-р Мехмедовиќ, укинување на ковид-сертификатите кај нас сега нема логика, зашто се вакцинирани само 45 отсто од населението


Портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ

 

Комисијата за заштита од заразни болести, на денешниот состанок донела препорака, ковид-сертификатите на граѓаните кои прележале Ковид-19 да важат во следните 180 дена, а не како досега 45 дена.

Препораката е поврзана со извештајот кој беше презентиран од Институтот за јавно здравје каде е направена анализа на сите случаи на хоспитализација и смрт од Ковид-19 во периодот од 1 до 31 јануари за 2022 година.

„Анализата покажува дека во анализираниот период само шест лица од пациентите кои примиле трета доза завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои биле контастирани имале коморбидитети, како што се дијабетес, карцином, кардиоваскуларни заболувања и обезност“, рече д-р Злате Мехмедовиќ.

Според Мехмедовиќ, потполно укинување на ковид-сертификатите кај нас сега нема логика. Тој вели дека кај нас околу 45 отсто од населението е вакцинирано со две дози вакцина, додека во Данска на пример, вакцинирани се близу 90 отсто од населението.

Другата препорака се однесува на постоечките упатства за лекување пациенти од Ковид-19 и тие се изработени од работната група при Министерството за здравство и од Катедрата за семејна медицина во соработка со матичните лекари.

„Препораката е тие да бидат подобро искомуницирани односно да бидат објавени на сајтот на Министерството за здравство, на Лекарската комора и дополнително испратени до матичните лекари, како и ковид центрите со цел да се олесни достапноста и примената на овие протоколи“, истакна  Мехмедовиќ.

Тој нагласи дека последната препораката која била донесена се однесува на учениците.

„Дел од достапните тестови кои се во владение на Министерството за здравство ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел од нив ќе се искористат за стратегијата ‘тестирајте за да останете во училиште’ која предвидува изложените ученици во одделенијата каде имало позитивен случај да можат да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присуство доколку се утврди дека тој тест кој ќе биде направен ќе биде негативен“, додаде Мехмедовиќ.