Ковид -менаџер: Нова професија во Италија

Фото: Б. Грданоски

Италија– По двомесечна пауза, пазарите на отворено во Италија повторно се отворија, а тезгаџиите во изминатиот период претрпеа огромни економски загуби.

Засега, продажбата е ограничена само на основни намирници бидејќи фазата 2 во Италија подразбира постепено и експериментално отворање.

Тезгите мора да бидат оддалечени два и пол метри една од друга, а на пазар може да се влезе само откако ќе ви измерат температура. Ракавиците и маските се исто така задолжителни.

Од вкупно 94 пазари во Милано, отворени се само 26. Продавачите се надеваат дека наскоро муштериите ќе им се вратат.

Со отворање на пазарите беше воведена и нова професија во облик на Ковид Менаџер. Неговата задача во изминатите неколку денови беше да испланира и организира активности. Тој е присутен на лице место за да го контролира почитувањето на сите прописи и мерки за безбедност.

Ова е нова професија која се појави за време на епидемијата на коронавирусот. Втората фаза во Италија ја пројави потребата од воведување на оваа нова фигура која на пазарите треба да го утврди максималниот број на лица кои може да бидат присутни на такви места (број на продавачи, број на тезги), го мери растојанието, ги уредува тезгите и одредува каде ќе биде влезот, а каде излезот.

Накратко, Ковид Менаџерот е координаторот кој надгледува дали италијанските пазари работат по пропис. Тој е исто така лицето на кое трговците му се обраќаат доколку има некаков проблем, некои критични ситуации, а таму е и за секоја забелешка или прашање.

Тие проверуваат дали се мери телесна температура на граѓаните кои сакаат да влезат на пазарот и дали секој од нив има соодветна опрема. Проверуваат, исто така, дали се почитува пропишаното растојание помеѓу луѓето, како и дали продавачите имаат соодветна опрема и материјали за социјална заштита.

На крајот, нивната цел е гарантирање на максимална безбедност на продавачите и купувачите.

Продавачите не се задоволни од условите под кои се отворија пазарите во Италија, особено со воведување на т.н. Ковид Менаџер. Тие се надеваат дека ќе се донесе подобро решение од 18 мај.

Извор – www.vrabotuvanje.mk