Ковид-лабораториите во Здравствениот дом во Ниш престануваат со работа поради недостиг на реагенси


Србија – Од утре, 6 декември, лабораториите за ковид во Ниш ќе престанат со работа поради недостиг на реагенси и медицински материјали, изјави за „Политика“ директорот на таа здравствена установа Милорад Јеркан.

Според него, во петокот лабораториите вршеле анализи само за најитните, најтешките и најкритичните пациенти користејќи ги последните резерви бидејќи со месеци немало нови испораки.

Јеркан рече дека уште на 28 септември испратиле официјално барање за обезбедување на реагенси и санитетски материјали.

– Бидејќи во меѓувреме не добивме никаков одговор од Републичкиот фонд за здравствено осигурување (РФЗО), а во последниот бран имавме во просек од 2.300 до 2.750 пациенти дневно на клиниките за ковид, официјално го повторивме барањето на 16 ноември“, изјави Јеркан.

Тој рече дека на 26 ноември, бидејќи сè уште никој од РФЗО не одговарал, била одржана итна, вонредна седница на Управниот одбор на Здравствениот дом, на која било констатирано дека установата е пред колапс и било одлучено веднаш д се испрати уште еден допис до Фондот за здравство.

– На 2 декември добивме одговор од подружницата на РФЗО во Ниш дека „на нашата институција нема да и бидат исплатени дополнителни средства за набавка на медицински материјал бидејќи се потрошени сите средства предвидени за овие намени за 2021 година“, нагласи Јеркан.

Тој додаде дека реагенсите не се ни споменати во дописот од РФЗО, иако се знае дека лабораториите не можат да работат без нив, односно не се можни анализи, брза дијагностика и одредување на потребната терапија за пациентите болни од Ковид-19.

Јеркан рече дека Здравствениот дом после одговорот на РФЗО на 3 декември испратил писмо до премиерката на Србија Ана Брнабиќ и министерот за здравство доктор Златибор Лончар во кое бара да интервенираат и да помогнат за да нема катастрофални последици.

Во меѓувреме, рече тој, лабораториите се префрлиле на минимум работа.

– Воопшто не ни се познати причините за ваквиот неразбирлив однос кон нашата установа, дали се работи за неправилно планирање на средствата за здравство оваа година или за лоша проценка на состојбата на одговорните за финансирање на работата на примарните здравствени установи, потенцира Јеркан.

Здравствениот дом, како што рече, од почетокот на епидемијата до крајот на минатата година дал 1,74 милиони лабораториски услуги, а во првите десет месеци од годинава биле извршени околу два милиони лабораториски услуги, бидејќи во ковид-амбулантите имало повеќе пациенти.

– Се прашуваме дали е можно никој да не реагира на алармантната состојба во Здравствениот дом во Ниш, која брзо може да се претвори во вистинска катастрофа. Поради ваквиот однос е загрозено здравјето на граѓаните и на целата нација, рече Јеркан.

Тој потсети дека Здравствениот дом во Ниш е најголемата здравствена установа во Србија, која е на ниво на Белград по бројот на прегледи од почетокот на епидемијата на Ковид, иако главниот град има шест пати повеќе жители од Ниш.

Во официјалниот одговор што „Политика“ го доби од РФЗО, наведено е дека за Здравствениот дом Ниш за лабораториски и санитарни услуги се издвоени 67,2 милиони динари, а за реагенси и санитарен материјал во овој момент се потребни уште 18,6 милиони динари.