Во Новата година со нови надежи за закрепнување на економијата


Испративме година на пандемија и сите погледи и очекувања се вперени кон годината што претстои 2021. Очекувањата на домашните надлежни институции е од година која ќе заврши со негативен раст, позитивни стапки да се остварат во 2021 година. Проекции за позитивни стaпки за 2021 година имаат и власта и Народната банка, како и меѓународните организации.

Позитивните очекувања во почетокот на 2020 година спласнаа со почетокот на пандемијата во март. Па очекувањата од позитивни стапки, се стопија во негативни во вториот, третиот и четвртиот квартал. Првиот квартал во кој почна пандемијата, но го зафати само третиот месец после 10 март, оствари стапка на раст на БДП од 0,9, покажаа податоците на Државниот завод за статистика. Вториот квартал има најголем пад, од минус 14,9 отсто. Квартал во кој и очекувањата беа дека пандемиијата ќе има најголемо влијание, квартал во кој поголем дел од фирмите во одредени сектори беа затворени. Третиот квартал, квартал на реотварање на економијата, во кој веќе почнаа да се укинуваат некои рестриктивни мерки и да се спроведуваат антикризните мерки, со поддршка од државата. Падот што го регистрираше Државниот завод за статистика во третиот квартал изнесуваше минус 3,3 отсто, во услови на забавено темпо на пад на активноста во индустрискиот и услужниот сектор, а раст во градежниот и земјоделскиот сектор.

Падот на економската активност, како што потенцира министерот го амортизираа антикризните мерки -Доколку не се делуваше брзо преку јавната потрошувачка, економскиот пад за првите три квартала ќе беше за 1,2 процентни поени поголем, односно наместо 5,9 отсто за првите три квартала, ќе беше околу 7,1 отсто, смета министерот.

-Здравствено-економската криза во изминатиов период од 2020 година имаше силно влијание на реализацијата на Буџетот. Исто така, донесените сеопфатни мерки на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19 изразени преку четири сета на мерки, кои беа во насока на амортизирање на ударот врз економијата и стимулирање на потрошувачката, имаа влијание на економската активност и преку нив се овозможи заштита на работните места, се обезбеди ликвидност на Буџетот, се сервисираа најприоритетните обврски, со сведување на минимум на сите помалку продуктивни трошења, оцени министерот за финансии Фатмир Бесими.

Според министерот декомпозицијата на БДП според расходната страна покажува дека во третиот квартал има опоравување на инвестициите, односно раст од 4,2 отсто, после високиот пад од 34,4 отсто во вториот квартал. Растот на инвестициите во третиот квартал произлегува од зголемените инвестиции за градежни работи и инвестициите во опрема и машини, во услови на раст на градежништвото и увоз на капитални добра. Силниот раст на јавната потрошувачка продолжи и во третиот квартал, во насока на справување со пандемијата и нејзините последици врз населението и економијата. Кај приватната потрошувачка има забавена динамика на пад којшто изнесува 4,1 отсто, наспроти 13 отсто во вториот квартал, при што значајно влијание имаше мерката за финансиска поддршка на граѓаните, како и кредитната поддршка од банките.

Очекувањата се дека кризата ќе опстојува најмалку до првиот квартал од 2021 година, а премиерот Зоран Заев најави нови пакети мерки.

-Нови пакет мерки ќе има, кризата ќе опстојува најмалку до првиот квартал. Нашите очекувања се дека првото полугодие од следната година ќе биде и излез од оваа криза генерално и затоа е важно да се дискутира. Владата ќе развие нови пакети врз основа на социјален дијалог во кој се вклучени и компаниите и работниците преку синдикатите. До сега имаме разбирање, за одредени случаи и ние нудиме административна помош сé со цел компаниите да ги искористат средствата за плати за работници и работни места, вели премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека се обезбедени пари за ковид поддршка и во 2021 година и дека во буџетот се резервирани веќе во ковид програми, а има дополнителни средства и во одделни ресори.

– Државата има веќе резервирано 50 милиони евра за ковид-програма за 2021. Дополнително 17 милиони се за плати. Во самите ресори имаме 30 милиони. Во Министерството за труд и социјална политика, за ранливи семејства, но и другите министерства имаат вакви резервации. И се надеваме дека нема да бидат сите 12 месеци, а ќе бидат еден, два, три, зависи од вакцината. Ако јануари дојде вакцината, а очекуваме да дојде по побрзите патишта, оти од Ковакс системот велат март, ама имаме и побрзи патишта, посочи премиерот, кој додаде дека доколку кризата трае подолго ќе направат ребаланс на буџетот и ќе обезбедат пари.

Фокусот во економијата во наредниот период ќе биде пред се заздравување, но и поставување на основи за забрзан и одржлив раст. Предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, насочени кон добро управување – односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Исто така, обезбедување фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност. Обезбедување и на локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.

Во услови на очекувано закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка, економскиот раст во земјата е проектиран на 4,1 отсто, согласно основното сценарио, кое претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.

Прогнозите на Централната банка за следната година се дека македонската економија ќе забележи раст од 3,9 проценти.

– Во 2020 проектираме пад на економската активност од 4,9 проценти наспроти пад од 3,5 проценти во април и априлскиот циклус на проекции во услови на послаби остварувања во првата половина од оваа година и оценки за поспоро закрепнување во втората половина, имајќи ги предвид вториот бран на пандемијата. На среден рок предвидуваме постепено, но доумерено закрепнување на економската активност со стапки на раст од 3,9 проценти, 3,6 проценти и 4 проценти во 2021, 2022 и 2023 година соодветно. Оваа стапка на раст значи дека економијата би се вратила на преткризно ниво во текот на 2022 година, рече на прес-конференција гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, на која ги презентираше ноемвриските проекции.

Според Народната банка последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година. Закрепнувањето на економската активност во следните две години се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на труд, континуитет на кредитните текови, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, којшто, според НБ, релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка.

Оценки на Народната банка за периодот 2020-2023 гoдина упатуваат на продолжени ефекти од пандемијата, напроти априлските оцени за пократкорочен карактер на здравствената криза. Проекциите за домашната економија укажуваат на поголем пад во 2020 година и поумерено натамошно закрепнување, и тоа пад се очекува кај сите компоненти на БДП, со тоа што најголем кај бруто инвестициите од 12,8 отсто, личната потрошувачката пад од четири проценти, а извозот 11,7 отсто.

Од 2021 година, според Централната банка, ќе има закрепнување со позитивен придонес на сите компоненти на растот во услови на поповолно надворешно и домашно окружување и намалена неизвесност, што поволно влијае врз одлуките за инвестирање и потрошувачка, коишто ќе бидат поддржани и од солидна кредитна активност.

На среден рок согласно среднорочните проекции на Владата се очекува 4,6 отсто раст во 2022, 5,2 отсто во 2023, 5,6 отсто во 2024 и 5,9 отсто во 2025 година. Во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75 отсто годишно.