Ковид кризата без работа остави 18 илјади лица


Бројот на вработените кои останале без работа од 11 март лани, кога почна пандемијата, до крајот на јануари годинава достигна 18.174 лица, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување. Во однос на декември минатата година бројката на оние кои останале без работа е зголемена за 1.148 лица, соопшти денес директорот на АВСРМ, Абдуш Демири, одговарајќи на новинарско прашање.

Според податоците на Aгенцијата за вработување заклучно со јануари бројот на невработените е над 250 илјади лица, од кои 158.681 се активни баратели на работа, а нешто над 90 илјади ссе водат како пасивни баратели на работа.

Инаку, директорот Демири денес најави дека лицата кои не се пријавуваат редовно, ќе почнат да се бришат од едвиденцијата на Агенцијата. Станува збор за околу 54 илјади активни и пасивни невработени кои имаат рок до 19 март да се пријават во Агенцијата за вработување.

„Доколку во наредните 30 дена не ја исполнат својата обврска да се пријават согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност ќе бидат избришани од евиденцијата и со тоа ќе ги изгубат правата што ги имаат врз основа на тој статус“, рече Демири.