Ковид центарот во Тетово имал надзорни камери


 

Снимките од надгледните камери поставени во ковид центарот што изгоре во Тетово се предадени на Обвинителството, соопшти координаторот на ковид центарот, Гезим Нуредини. Како што додаде тој, во центарот имало апарати за гаснење пожар.

„Надзорни камери има, од страничната и од предната страна и материјалите се доставени на јавен обвинител“, рече Нуредини.

Сѐ се случи за време од 3-5 минути, објасни тој, додавајќи дека за толку кратко време  присутните успеале да спасат 12 животи.

„Тоа сѐ траеше 3-5 минути. Медицинските екипи, вработените и лица коишто беа надвор, роднини коишто сакаат да комуницираат со нас…сите тие помагаа и замислете сѐ се случи за 3 минути. За тоа време се спасија само овие 12 пациенти. Другите не се успеа бидејќи пламенот за 3 минути го опфати целиот простор“, рече Нуредини додавајќи дека уште вечерта бил повикан јавен обвинител бидејќи на сите им било чудно што за толку кратко време од објектот останало само железо.

„Мене ми е чудно…и суво дрво да беше немаше да изгори за толку кратко време, но да видиме што ќе кажат експертите“, додава Нуредини.