Ковид-19 зема замав во Франција, Макрон ќе се обрати пак на нацијата


Франција – Францускиот претседател, Емануел Макрон, повторно ќе им  се обрати на Французите за време на телевизиското интервју, со јасен фокус на борбата против коронавирусот, кој започнува полека но сигурно повторно да ги полни француските болници, јави дописникот на МИА.

За коронавирусот Макрон последен пат зборуваше на 14 јули. На националниот празник, тој уверуваше: „ќе бидеме подготвени“ во случај на втор бран на коронавирусот. Три месеци подоцна, ситуацијата е повеќе од влошена во Франција, а светлата преминуваат во црвено низ целата земја.

Соочен со критиките за неуспех, шефот на француската држава одлучи повторно да се врати на „линијата на фронтот“ преку интервју кое ќе се емитува во среда  на ТФ1 и Франс2. Ден по оддржувањето на Советот за одбрана, кога Макрон  може уште еднаш да испрати свечена порака до Французите, но и да објави нови ограничувачки мерки.

Коментаторите  најавуваат дека настапот на претседателот ќе биде тежок. Тој сега мора да постави јасна стратегија, додека недовербата кон Французите кон способноста на извршната власт да управува со кризата станува се посилна. Французите дури може да  сметаат дека извршната власт е одговорна за моменталната состојба.