Ковид-19 вообичаена појава кај мачки и кучиња


Фото: Б. Грданоски

Холандија– Нови истражувања во Холандија покажаа дека Ковид-19 е чест и вообичаен кај мачки и кучиња чии сопственици биле заразени со вирусот.

– Ако имате Ковид, треба да избегнувате контакт со мачка или куче, исто како и со луѓето. Главната грижа не е здравјето на животните, туку потенцијалната опасност тие да бидат само носители, па вирусот повторно да дојде кај човек, истакна Елс Броенс од Универзитетот на Утрехт.

Земени се брисеви од 310 миленичиња во 196 домаќинства каде што барем еден човек фатил коронавирус. Шест мачки и седум кучиња биле позитивни на ПЦР-тестот, а 54 животни биле позитивни на вирусни антитела. Повеќето заразени миленичиња имаат тенденција да не покажат симптоми или пак, имале поблаги симптоми на Ковид-19.

Авторите на испитувањата сметаат дека досега нема докази за пренесување на болеста од домашно милениче на неговиот сопственик, но тоа е тешко да се утврди додека вирусот се уште лесно се шири меѓу луѓето.

Резултатите беа презентирани на Европскиот конгрес за клиничка микробиологија и инфективни болести. Сите ПЦР-позитивни животни ја совладале заразата и развиле антитела. Истражувачите велат дека најверојатниот начин на пренесување на вирусот е од човек на животно, а не обратно.