Ковид-19 предизвика „совршена бура“ во економијата – каде е Македонија


И Европската комисија и Светската банка проценуваат дека Македонија годинава ќе има најмал пад на БДП меѓу земјите во регионот и пошироко во Европа 

Мирче Јовановски

Околу 780 милиони евра изнесува разликата меѓу домашниот бруто производ кој би се остварил во Македонија доколку не беше корона кризата и со падот на економијата кој се очекува годинава како последица на пандемијата со корона вирусот. Овој износ всушност ја покажува разликата меѓу економскиот раст од 3,8 отсто што беше проектиран за годинава пред почетокот на кризата со Ковид-19, и падот на БДП од 3,5 отсто колку што сега изнесува базичното сценарио на Народната банка, под претпоставка дека економската активност ќе почне да заживува во наредните месеци. Овој износ може да варира нагоре или надолу, во зависност која од прогнозите за нашата земја што ги објавија деновиве меѓународни и домашни институции, ќе се земе како репер, како и дали ќе дојде до втор бран на пандемијата.

Ковид–19 има дејство на „совршена бура“ врз глобалната економија која од ден во ден добива во сила и ги влошува прогнозите за економски раст и изгледите за брзо закрепнување. Тоа го покажуваат и најновите Пролетни економски прогнози што ги објави Европската комисија според кои земјите од Европската унија годинава ги очекува „рецесија од историски размери“.

Рецесија од историски размери, вака Европската комисија го коментира податоците за падот на БДП оваа година

Падот на економијата ќе биде најголем во Грција, Италија и Шпанија, проценува Европската комисија. Во овие земји економијата ќе оди во минус 9,4 проценти или повеќе, а во сите земји од еврозоната наамалувањето на домашниот бруто-производ ќе изнесува најмалку 4,3 отсто во Полска и 5,4 проценти во Луксембург. Прогнозата за Германија е минус 6,5 отсто додека за Франција минус 8,2 проценти. Или, контракцијата во 2020 година во ЕУ ќе биде 7,4 проценти, далеку поголема од падот од 4,5 проценти во 2009 година која беше најлошата година на финансиската криза.

Европската комисија проценува дека закрепнувањето во 2021 година ќе биде 6,1 отсто, но тоа нема да биде доволно целосно да се надомести загубата од оваа година. Инфлацијата ќе биде послаба, невработеноста ќе се искачи на 9 отсто, а националните долгови ќе растат.

Дури, ова е и оптимистичкот сценарио, бидејќи работите би можеле да се влошат во зависност од тоа како ќе се развива пандемијата. Финансиската криза ја намали економијата на еврозоната за 4,5 проценти во 2009 година и остави околу 10 проценти од работниците без работа.

Слично е и во САД каде што за седум недели се регистрирани 33 милиони лица кои останале без работа. Таму економистите сѐ почесто зборуваат за економска депресија, која е уште полоша состојба од рецесијата и која може да ја надмине и Големата депресија од 1929-32 година. Во големата слика, речиси и да нема исклучоци.

Кога ќе се видат вааквите макроекономски показатели, на прв поглед може да делува дека некои од малите економии, меѓу кои и Македонија, годинава би можеле да се „извлечат“ со стапки на негативен раст кои се релативно помали во споредба со големите економии. Но, тоа не е причина за некое задоволство. Слабите фискални капацитети и малиот прилив на странски капитал, и очекуваниот пад на дознаките од странство за една петина, ги упатува овие земји да побараат помош од меѓународните финансиски институции или од пазарот на капитал.

Од земјите кандидатки зачленство во ЕУ, Македонија ќе има најмал пад на БДП оваа година, проценува Европската комисија во Пролетните економски прогнози

Кога станува збор за Македонија, проггнозите за негативните стапки на економски раст се различни во зависност од институциите кои ги презентираат. Така, Светска банка во најновиот Редовен економски извештај прогнозира падот на македонскиот БДП да биде помеѓу 1,4 и 3,2 проценти – првата бројка е основното сценарио, а поголемата е неповолното сценарио поради високата несигурност што ја носи пандемијата.

Регионот на Западен Балкан се очекува да влезе во рецесија во 2020 година, при што се предвидува дека сите шест држави ќе имаат негативен раст, бидејќи тие продолжуваат да се справуваат со економските влијанија на КОВИД-19 пандемијата (корона вирус). Регионалниот раст во регионот на Западен Балкан се предвидува да биде меѓу -3 и -5,6 проценти, се вели во извештајот на СБ.

Меѓународниот монетарен фонд процени дека падот на БДП во земјава ќе биде 4 отсто, а нешто помалку, односно 3,9 отсто е процената на Европската комисија во штотуку објавените Пролетни економски прогнози.

Карактеристично е што кај сите овие институции, падот на македонскиот БДП е најнизок во споредба со земјите од регионот и пошироко.

Од домашните институции, Министерството за финансии очекува падот на БДП да биде 3,4 проценти, а Народната банка во основното сценарио прогнозира пад на БДП од 3,5, а доколку здравствената криза има и втор бран, падот на БДП може да биде уште поголем, за дополнителни 2,3 процентни поени, односно може да достигне до минус 5,8 отсто, предупредува НБ во анализата.

Колку се сериозни овие бројки покажува и податокот дека вкупната загуба на македонската економија годинава ќе изнесува 780 милиони евра, или ако се земе прогнозата на ММФ од оминус 4 отсто на БДП, тоа би бил најголем пад после оној во 1993 година кога изнесуваше околу минус 7 отсто. Ако се земе дека првичната процена за раст на БДП од 3,8 отсто, тоа е веќе огромна разлика од речиси 8 процентни поени.

Деновиве во интервју за „Независен“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, коментирајќи ги овие податоци и запрашана дали може да се наруши макроекономската стабилност во земјата, одговори дека е клучно што шокот со којшто економиите се соочуваат заради пандемијата на Ковид-19, не е од економски карактер, односно не се должи на порозност на економските фундаменти.

„Оттука, тој не би требало да се одрази позначајно врз долгорочниот потенцијал за раст на економиите, ниту пак да доведе до подлабоки структурни проблеми, а согласно тоа не би требало да се одрази и на макроекономската стабилност. Во функција на одржување на макроекономската стабилност се и низа од мерките што се преземаат и според оцените и на ММФ, тие ќе придонесат за справување со предизвиците од корона-кризата“, рече Ангеловска-Бежоска.

Светска банка во нејзиниот извештај за земјите од Западен Балкан исто така прогнозира дека Македонија оваа година ќе има најмал пад на БДП

Таа додаде дека во изминативе години кај нас се случуваа структурни промени, видливи особено во структурата на индустриското производство и извозот, коишто ја намалија ранливоста на нашата економија и ги подобрија нејзините фундаменти.

„Ова придонесе и за речиси континуиран раст на девизните резерви, што е и гаранција за стабилноста на девизниот курс. Исто така, мошне е важно што домашниот банкарски систем е здрав и има потенцијал за обезбедување кредитна поддршка без да се загрози неговата стабилност. Ова е резултат на тоа што во периодот по глобалната финансиска криза од 2008 година, ние ги зајакнавме регулаторните и супервизорските барања, во согласност со зајакнатата европска регулатива, што придонесе за натамошно јакнење на отпорноста на системот. Секако, корона-кризата наметнува потреба од засилено следење и преземање на брзи, ефективни и координирани активности“, истакна гувернерката.

Сепак, ова неизбежно ќе доведе до значително влошување на јавните финансии оваа година. Според Фрeк Јанмат од економскиот оддел на Делегацијата на ЕУ во Скопје, дупката во државната каса ќе биде три пати поголема од првичниот планираното. Европската комисија проценува дека буџетскиот дефицит ќе се зголеми на 6,8 од БДП, што е значително повеќе од првично планираните 2,3 отсто, но и од прогнозата на НБ. ЕК очекува буџетскиот дефицит да се намали на 3,2 отсто од БДП. Тоа ќе придонесе и за зголемување на јавниот долг на земјава за 7 процентни поени, од 40,2 на 47,2 отсто од БДП, што ако се спореди со земјите од ЕУ, не е многу, но Македонија има многу помал капацитет за собирање даноци од ЕУ и многу поограничени можности за натамошно задолжување.

Во однос на структурата на БДП, се очекува пад кај сите компоненти освен кај јавната потрошувачка. Така, кај личната потрошувачка се очекува пад од околу 4 отсто што се должи на намалувањето на расположливиот доход во услови на неповолен пазар на труд и пад на приватните трансфери, потоа забавување и на кредитната поддршка, зголемена неизвесност и воздржаност. Кај бруто инвестициите падот ќе изнесува од околу 10 отсто поради намалувањето на странските, но и домашните јавни и приватни инвестиции, потоа поради зголемената неизвесност и забавена кредитна поддршка. Кај извозот се очекува пад од околу 17 отсто поради намалената странска побарувачка, застој во синџирите на снабдување и домашните рестриктивни мерки. Намалената лична и инвестициона побарувачка и падот на извозот ќе доведе и до пад на увозот од околу 15 отсто.

За да се пребродат овие проблеми ќе бидат потребни многу пари. Дополнителната заменичка министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во средата изјави дека до сега потпишала за кредити во вкупен износ од 1.186.500.000 евра, без 400-те милиони евра за „бриџ ту бонд“ обврзницата за која немало заинтересираност од страна на кредиторите. Инаку, во Министерството за финансии во тек е постапка за издавање на еврообврзница од околу 800 милиони евра.