Ковид 19 ја зеде првата жртва од медицинскиот персонал во Општата болница во Охрид


Медицинска сестра Дијана Димоска (48), работно ангажирана во Интерното одделение во Општата болница во Охрид, ја загуби битката со корона вирусот Ковид 19, јави Охрид Њус.

Димоска својот професионален ангажман го започна во 1993 година на одделот за уво грло и нос, работеше во невропсхијатрискиот оддел, а последните години беше дел од тимот во одделението за интерни болести, информираат од Општата болница Охрид. Колективот од сојата вработена, која беше исклучително почитувана и сакана како од колегите, така и од пациентите, се прости на официјалната страна на Фејсбук.

https://www.facebook.com/permalink.php?story_fbid=3637668849596804&id=187751751255215

„Општата болница Охрид, која е регионален ковид центар, во текот на летниот период беше под исклучително оптоварување, што поради пандемијата од корона вирусот, што поради зголемениот број на интервенции поради сообраќајни несреќи и други инциденти во текот на туристичкиот шпиц. И покрај тоа болницата успешно се носи со ситуацијата“, вели директорот д-р Горан Балевски.

„Болницата во ниту еден момент не беше кластер или извор на инфекции. Ова е сепак фреквентна болница каде проциркулирале огромен број ковид позитивни пациенти. Само за илустрација во текот на месец август комјутерот во нашата болница направил 240 снимања, од што 40% беа позитивни пациенти. Се тоа не е едноставно да се изменаџира и опслужи“, вели д-р Балевски.

Во периодот кој следи се очекува зголемување на бројот на заболени од Ковид 19. Во Општата болница Охрид предвидена е изградба на монтажна модуларна болница со капацитет од 40 легла, со целокупна опрема. Се очекува таа да биде ставена во употреба до крајот на годината, но од болницата велат дека во координација со Општинскиот кризен штаб изготвени се повеќе сценарија кои предвидуваат адаптација на одредени одделенија за згрижување на пациенти позитивни на Ковид или суспектни пациенти, доколку дојде до поголем бран.

„Модуларната болница ќе ја опслужува постојниот медицински персонал. Во ниеден момент нема да го оставиме градот без потребната здравствена грижа“, додава д-р Балевски.