Ковакс: Испорака на 1,8 милијарди вакцини за 92 земји во текот на годинава


 Системот за дистрибуција на вакцини Ковакс планира да испорача 1,8 милијарди дози во посиромашните земји оваа година и очекува побогатите земји да ги исполнат своите обврски во втората половина на годината.

„Нашите предвидувања укажуваат дека треба да ги исполниме условите за вакцини поставени од самофинансирачки членови на системот во втората половина на 2021 година“, објавија од Алијансата за вакцини ГАВИ во име на Ковакс.

Ковакс, што е дизајниран да им овозможи на сите еднаков пристап до вакцините против Ковид-19, а кој заеднички го водат Алијансата за вакцини ГАВИ, Светската здравствена организација и други, објави дека 1,8 милијарди дози ќе бидат доставени до 92 земји кои исполнуваат условите и дека ова би одговарало на приближно 27 проценти од населението во тие држави.