Ковачки тврди: Фирмата на Дрин Ахмети што ја купи Соравија работи на Коридор 8


Внукот на Али Ахмети со фирмата што ја купи Соравија работи на Коридор 8 и на други патишта, криејќи се како подизведувач, изјави денес Драган Ковачки.

-Во документите кои стигнаа до нас од страна на свиркачи, а се анализа на банката на фирмите на Ахмети, е наведено дека „Тор Индустриес“ е формирана во 2020-та година за да учествува во големите градежни проекти кои се планирани во Македонија. Дрин Ахмети со „Тор Индустриес“, заедно со уште една фирма од кланот Зајас за која ќе зборуваме деновиве, е вклучен во изградба на Коридор 8, а договорот што го имаат двете фирми е 1.3 милиони евра за ископ и други градежни работи.

Сега кога голем број фирми едвај наоѓаат работа, фирмата на Дрин е најпосакуван партнер и дежурен подизведувач на многу поголеми фирми. Дали зад тоа се крие Ахмети и дали има трговија со влијание? Покрај на Коридор 8,  фирмата на Дрин Ахмети е вклучена и во изградба на патот од Кичево до Дебар, поточно делница Извор – Гарски мост. Исто како и на Коридор 8, така и на оваа делница внукот на Али Ахмети е вклучен со уште една фирма од кланот Зајас, а средствата кои треба да ги инкасираат, според документите доставени до нас од свиркачи се помеѓу 6 и 9 милиони евра. Очекуваниот приход од 6 до 9 милиони евра е изнесен токму од Дрин Ахмети, и тоа е заведено во анализата на банката. Дали по истиот модел „Тор Индустриес“ ќе продолжи со изградба на новите делници од Коридор 8, и дали ЈО ќе продолжи да биде нем набљудувач?

Ова се мултимилионски бизниси, од кои кланот од Зајас дебело профитира, додека народот се иселува од државата. Додека Ахмети е пратеник и лидер на ДУИ, неговите внуци профитираат од зделки со државата како подизведувачи на други фирми. Мислејќи дека ќе го избегнат окото на јавноста се кријат како втора рака, заборавајќи дека трагата на парите секогаш води до главата на шемата. А,  главата е семејството Ахмети, порача Ковачки.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска најави дека антикорупционерите ќе ги преиспитаат сомнежите кои во јавноста се појавија околу унапредувањето на Бесијан Ахмети во прв секретар на македонската амбасада во Брисел, како и евентуалните незаконитости при доделувањето државни средства од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за Дрин Ахмети, двајцата внуци на претседателот на ДУИ Али Ахмети. Ивановска потенцира дека антикорупционерите немаат можност да испитуваат како Дрин Ахмети стана косопственик на „Соравија“ без вложен денар.

„Ние ќе провериме како постапиле институциите. Дали тие неосновано дале средства? Ние не можеме да испитуваме каков е капиталот, каков е имот. Тоа е задача на други институции. Тие треба да испитуваат движење на парите и т.н. Верувам, врз основа на исксутвото што го имам во соработката со нив дека тие ќе постапат. Верувам дека Управата за финансиско разузнавање и финансиска поилиција на пример, ќе го испита овој случај“, изјави Ивановска.