Армија според НАТО или пакистански стандарди: Во чиј интерес работи полковникот Ковачки?


Дра

Полковникот со политичка функција, Драган Ковачки, повикува за НАТО стандарди во нашето Министерство за одбрана, а тој самиот поради нив би добил веднаш клоца во американската или британска армија

 

Слободанка Јовановска

„Од рубриката ‘Датум за датум, но не сега’‚ на коалицијата ‘Лажеме со леснотија’,  да се потсетиме како манипулираше Шекеринска. Па, уште бара и аплауз од ВМРО-ДПМНЕ. Еве ја неспособноста на виделина“.

Ова е денешниот Фејсбук статус на Драган Ковачки, полковник во македонската армија и поранешен прв човек на военото разузнување, кој минатата недела беше казнет со намалување на платата за 30 отсто за  шест месеци поради закани кон началникот на Генералштабот, држење партиски конференции и навредување на министерката за одбрана и врховниот командант Стево Пендаровски во институција во која хиерархијата е над сите принципи. Иако со години води отворена партиска политика, иако моментално е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, иако беше кандидат за министер за внатрешни работи кога тоа е неспоиво со неговата професија и иако беше кандидат за пратеник, Ковачки место да биде суспендиран од армијата, уште се заканува со тужба против министерката за одбрана.

Во своја одбрана тој се повикува на уставното право за слобода на изразување, под што тој подразбира да го нарекува премиерот и членовите на Владата квислинзи, кецароши, лажливци, да ја омаловажува одлуката за воведување кризна востојба против пандемијата од страна на неговиот надреден, претседателот Пендаровски, да ја коментира пресудата за 27 април како политичка, бидејќи обвинетите добиле десет години затвор иако „само удирале клоци“ во Собранието, да изнесува информации од Министерството за одбрана, да фабрикува афери за наводни злоупотреби на пари, да го проблематизира Преспанскиот договор, секој ден да постира партиски ставови против политиките на актуелната власт и да оценува – дека раководството на Министерството за одбрана нема допирна точка со реалноста.

Кога се кандидираше за пратеник Ковачки изјави дека се вклучува во политиката, но нема намера „да ја меша професијата со политичкиот ангажман“, како да е тоа прашање за чесен збор, а не принцип на кој не функционира ниту една армија во демократска држава.

Експерт за одбранбени прашања, кој е надвор од политиката, смета дека Ковачки за ваквото однесување и штетата што ја предизвикува досега требаше да биде отпуштен од службата и да добие затворска казна, имајќи ја притоа предвид и неговата позиција како шеф на военото разузнување на 27 април и заговарањата и подготовките за воведување воена состојба во земјата што беа спречени во последен момент.

Ковачки се жали, притоа, дека трпи политички притисоци бидејќи има различни ставови од министерката за одбрана, но поентата е дека неговите ставови не се ни битни, бидејќи со неговото актуелно однесување не би опстојал ниту еден ден во која било странска армија на демократска држава и експресно би ја завршил кариерата. Односно, во хипотеттичка ситуација полковникот Драган Ковачки некогаш да стане началник на Генералштабот, кој ќе ѝ верува на таква армија во Македонија?  А уште повеќе – ќе може ли НАТО да даде сертификат и да му верува на воен преставник кој е длабоко инволвиран во политика и е член на врните органи на една партија? 

Бидејќи кај нас од партиските хистерии не се гледаат фактите, најдобра потврда за тоа е ако се споменат принципите и регулативите на кои почиваат одбраните на земјите членки на НАТО, т.е. најорганизираните демократски армии во светот.Па, така, во  Велика Британија има јасна законска регулатива која предвидува лојалност на воените лица кон воените команданти, кон политичкото лидерство и кон шефот на државата. Таа предвидува исто така многу рестриктивна дефиниција за политичката неутралност на кое било ниво во армиската хиерархија, при што вклученоста во партиски активности е стриктно забранета. Уште повеќе, ако некој, како Ковачки, реши да се кандидира на избори или за политичка функција – во истиот момент треба да даде оставка. Секое изразување на мислење во јавноста за политички контроверзни прашања се третира исто така како сериозно прекршување на професионалната етика.

САД, пак, за времето на владеењето на Трамп беа скандализирани од начинот на кој тој бараше поддршка од армијата, нарекувајќи ги „мои генерали“ и барајќи од нив да лобираат за неговата политика меѓу воениот персонал. Тој дури именуваше поранешни генерали за државни секретари и други функции, што го запали алармот во земјата која почна да се доживува себеси како банана република. Во една прилика Трамп, при посета на воените сили како врховен командант, побара да се прекрие името на воениот брод „Меккејн“, именуван според покојниот сенатор Џон Меккејн кој беше негов политички ривал, што предизвика лавина од критики и анализи, па и истраги од страна на неговата администрација како се случило армискиот врв да дозволи таква политизација. Во САД само пензионирани воени лица можат да бидат активни во политиката, а непартизираноста на армијата се смета за столб на демократијата, дотаму што контролата на нуклерното оружје е во рацете на Департментот за енергија а не за одбрана. Целата одбранбена доктрина на САД почива на теоријата дека армијата не може да функционира ако јавноста нема доверба во неа, а нема да има ако воените лица покажуваат политичка пристрасност или ги спорат одлуките на актуелните претседатели или министри за одбрана, без оглед дали треба да интервенираат во Ирак, Авганистан или некоја друга земја. Мешањето на политиката во армијата, според американски оценки, би ги довело до состојбите во Египет, Турција, Пакистан, Бангладеш и други земји во кои генералите се политички актери, а тоа е еден чекор до воен удар. Или, пак, до тоа што ѝ се случи на Индира Ганди, која беше застрелана токму од преставник на нејзината гарда од политички причини.

За да се спречи тоа САД имаат јасна и прецизна регулатива, која почива пред сѐ на Директивата 1344 (10)  и на Кодот за воена правда. Со нив се гарантира правото на воените лица да имаат личен политички став, да гласаат на избори, па и да изразат или објават мислење, но се забранува и силно се казнува занимавање со политика, односно политичка активност додека некој е во активна служба.

Според таа директива Ковачки одамна немаше да биде во армијата, а САД е членка на НАТО и нејзиниот стандард е и стандард на Алијансата на која се повикува тој во своја одбрана. Во оваа регулатива јасно стои дека воено лице може да присуствува на партиски собири но не да ги предводи и да држи партиски говори, како што прави Ковачки. Воено лице не смее на социјални мрежи да промовира партиски ставови и да постира партиски симболи, а не пак да држи партиски конференции и да има став за секое прашање во државата, од вакцините до сертификатите во Министерството за одбрана.

Воен преставник може да дава донации на партии, но не смее да учествува во нивно прибирање, не смее да биде кандидат на избори, не смее да учествува во политички кампањи, не може да учествува во политички дебати на телевизии или радија во прилог или против одредена политичка партија, а ако го прави тоа ќе добие суспензија или отказ од службата.

Кодот за воена правда е уште појасен и во него се забранува на воените преставници да даваат изјави со потценување на актуелните функционери на Владата, при што субординацијата е врвен принцип, па секој кој е во униформа е подреден на претседателот на државата и на министерот за одбрана.

Со дневната партиска активност на Ковачки и со речникот што го употребува нашата армија почнува да ја претвора во партиска „прчија“, што може да доведе до нејзина партиска поделба, да ѝ го урне угледот и довербата што ја има кај јавноста и да се претвори на долг рок во инструмент за остварување на власта на одредена партија. Поточно, и таа да се втурне во партизацијата која доведе до ерозија на МВР во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков, кое беше претворено во некој вид приватна војска во заштита на интересите на  една партија, бидејќи армијата не беше „зрела“ за таква улога и потешко се објаснуваше таквата злоупотреба.

До каде може да доведе инструментализацијата на армијата се виде најдобро и во Албанија во 1997 година, кога претседателот Сали Бериша, соочен со народен револт поради пирамидалните шеми, се обиде да ја употреби во пресметка со демонстрантите, но место тоа ја доведе до распаѓање и испровоцира упад во магацините со оружје, така што меѓународна мисија мораше да ја спасува државата од граѓанска војна.

За разлика од Албанија, Македонија има уште една специфичност, а тоа е големата албанска етничка заедница, па кога и во ДУИ би се амбицирале како во ВМРО-ДПМНЕ, да ја користат армијата за политичка пресметка, таа ќе се претвори во спротивност на тоа што треба да биде, фактор на стабилноста.

Прашањето е – кој е интересот на Ковачки да заборави на професионализмот и на стандардите и да работи против институцијата што ја преставува? Неговата закана до началникот на Генералштабот на ВМРО-ДПМНЕ е јасна порака за реваншизам до него ако се вратат на власт, бидејќи бил унапреден во време на таа партија, а не одбива соработка со сегашната министерка и врховен командант. Истрага околу неговата инволвираност на 27 април можеби ќе даде подобар одговор за неговото однесување како полковник, бидејќи или се плаши од хипотеки или добил ветувања за некаква функција, што сега со тие хипотеки не му е достижна.

Во парламентот веќе  е влезен закон со кој јасно ќе се забрани политичката активност на воени лица, така што за очекување е дека после тоа ќе заврши воената или политичка кариера на Ковачки. Она што е важно е со законот и со неговата примена да се прати јасна порака до воениот персонал дека, ни сега ни во иднина, ќе нема место за партиска активност од која и да било страна, но и дека сите што држат до професионалноста  и непристрасноста во службата ќе напредуваат, без оглед како се определуваат политички пред гласачката кутија.