Пржинската влада не може да се укине со желба на само една партија, вели Ковачевски
Пржинската влада беше договорена од четири партии кога државата беше заробена и само со ист таков договор може да биде укинато нејзиното постоење
Премиерот Димитар Ковачевски порача денеска дека било какви промени во однос на функционирањето и постоењето на Пржинска влада треба да дојде како резултат на политички договор меѓу четирите политички партии кои учествуваа и во нејзиното формирање.
„Со оглед на тоа што Пржинската влада е договорена помеѓу четирите најголеми партии, тоа значи дека и начинот на нејзиното укинување треба да се направи на истиот начин, а не со еднострано барање на една политичка партија, а притоа имајќи во предвид дека имаше изјава од коалицискиот партнер на ВМРО – ДПМНЕ, односно Алијанса, дека тие имаат друг поглед на ова прашање. Од таа причина треба да седнат работни групи и да договорат решение кое ќе биде дел од Законот за Влада и ќе важи за парламентарните избори во 2024 година“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на компанијата „Кондево“ во ТИРЗ Штип.
Тој притоа рече дека во моментов државата се соочува со неколку големи предизвици – справувањето со здравствената криза, со енергетската криза, со топлинската криза во Скопје, а исто така е отворен активен процес на разговори со Бугарија со цел одржување на прва меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ. Затоа и не е време за предвремени избори, како што постојано бара опозицијата.
„Затоа сметаме дека оние прашања коишто не се во насока на справување со најголемите предизвици само претставуваат дефокусирање од проблемите кои што се најважни да се решат за нашите граѓани“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека самото барање на опозицијата за укинување на Пржинската влада потврдува дека во државата имаме демократски амбиент кој што го немало во времето кога е воведена Пржинската влада.
„Во тоа време имавме заробена држава каде што администрацијата и државниот апарат беа користени во партиски и изборни цели, медиумите не беа оставени слободно да ја извршуваат својата работа. Денеска медиумите им е достапни на сите политички репрезенти, било да се од опозицијата било од власта, а тоа само потврдува дека СДСМ и Владата и коалиционите партнери ги имаат вратено демократските принципи на владеење“, посочи Ковачевски.
Во врска со прашањето за една изборна единица, тој истакна дека СДСМ како партија е за вакво решение, но, како што нагласи, измените на Изборниот законик со кој се регулира ова прашање, секогаш се носеле со консензус на партиите.
„Ние сме политичка партија која што прва го поддржа концептот на една изборна единица и преку тоа го поддржавме и барањето на помалите политички партии кои се дел од коалицијата заедно со СДСМ. Но, веќе видовте дека дел од политичките партии излегоа со свое гледање за тоа како треба да изгледа изборниот модел. Јас имам свој личен став во однос на правење на изборни модели, а тоа е дека тие мора да бидат правени низ широка расправа преку работни групи кои ќе вклучуваат претставници на политичките партии, на ресорните министерства задолжени за изготвување на изборниот закон, како и експерти, вклучително и експерти од ОБСЕ/ОДИХР“, рече премиерот.
На таков начин, додаде тој, ќе дојде до Изборен законик кој на најдобар начин ќе ги отсликува прво заложбите на политичките партии во државата, потоа барањата на граѓаните, но и ќе може да гарантира фер изборен натпревар и резултати. Со оглед на тоа што, како што нагласи избори ќе има во 2024, има доволно време да се формираат работни групи кои ќе работат на ова решение. (Н.В.)