Ковачевски за стоте дена: Клучен приоритет ни беше енергетската криза
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната тематска владина седница, на која единствена точка е одбележување на постигнувањата на Владата и на министерствата во првите 100 дена од работењето, потсети на најзначајните работи направени во овој период и потенцира дека актуелната Влада останува на јасната цел – да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот, како и европска и просперитетна иднина за граѓаните.
– За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење. Тоа се одликите што ги побарав од сите министри, што прифатија да бидат дел од тимот, кој заеднички се стреми да им служи на интересите на сите граѓани без исклучок, рече Ковачевски.
Клучен прв приоритет, нагласи премиерот Ковачевски, е справување со енергетската криза, што е пред се европска, а се чувствува и кај нас, а доби дополнително загрижувачки димензии со војната во Украина. Следен приоритет на владата, според него, е заштита на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во насока на економската криза, која произлегува од енергетската и воената криза. Исполнувањето на целите во однос на големите инфраструктурни проекти, истакна Ковачевски, е исто така приоритет, а подеднаква важност имаат и евроинтеграциите како наша стратешка цел.
За само три месеци, посочи Ковачевски, успешно се спроведени повеќе полициски акции за сузбивање на недозволена тргоција со наркотици и запленети се седум килограми хероин со вредност од над 300 илјади евра, околу 1,2 тони психотропни супстанци за производство на амфетамини и над 2,2 тони марихуана со вредност од над пет милиони евра. Продолжи и реконструкцијата на полициските станици, а со посветена и мотивирана работа на полицијата, Ковачевски рече дека продолжува и трендот на намалување на жртвите во сообраќајни несреќи.
Ковачевски, рече дека продолжил и планот за дигитализација на правосудството, во рамки на кои инсталирана и ставена во употреба е информатичка опрема во судниците во пет основни судови. Овозможуваме брз, лесен и едноставен начин на барање и стекнување на документи или податоци за секој еден граѓанин. Електронските уверенија од казнената евиденција за физички лица се достапни на националниот портал uslugi.gov.mk, а успешно се спроведува и системот за бесплатна првна помош за граѓаните, изјави Ковачевски.
Квалитетните здравствени политики, рече Ковачевски, се приоритет на Владата и постигнато е намалување на цените на околу 230 лекови кое се применува од 1 април годинава, а тенденција е да се обезбедат што повеќе лекови на позитивната листа.Истовремено, со инвестиции во опрема се обезбедува побрзо и полесно закажување на термини за пациентите, особено за малигни заболувања.
Инвестициите во патната и железничката инфраструктура, Ковачевски, нагласи дека продолжуваат и интензивно се градат огромен број автопатски делници, експресни и регионални патишта и дека во изминатите месеци завршени се или се во различни фази на изработка патишта во должина од околу 200 километри.Продолжува и изградбата на социјални станови, рече Ковачевски, посочувајќи дека е распишан јавен повик за распределба на 70 социјални станови во Гостивар, дека е завршена социјална зграда во Неготино и Демир Капија и почната е изградба на 36 социјални станови во Пехчево и 50 во Сарај.
Во услови на криза, Владата според Ковачевски прави напори да го зголеми домашното производство на основни производ храна и да обезбеди потребни количини од увоз, за што како што рече, се усвоени сет мерки со интервентниот фонд, а со националниот план за производство на храна во вредност од 400 милиони денари се дава поддршка за домашно производство на стратешки земјоделски производи и ставени се на располагање над шест илјади хектари државно земјиште.
Преку проектот ЕУ за општините, Ковачевски рече дека се потпишани договори за финансирање и кофинансирање на осум проекти во осум општини во вредност од 5,5 милиони евра, а кои се во насока на подобрување на условите за заштита на животната средина, за зголемување на мобилноста, подобрување на социјалните услуги и воведување е-услуги.
Премиерот, исто така, информираше дека се потпишани и договори за кофинансирање на 11 проекти со Албанија во вредност од шест милиони евра и 22 проекти со Грција за кои се обезбедени 7,6 милиони евра од ИПА.
Со годишната програма за инвестиции во култирата за 2022 година, Ковачевски рече дека се распределени средства во висина од 536 милиони денари и тоа за изградба и реконструкција на нови објекти, а дополнително со усогласувањето се минималната плата се овозможува соодветно валоризирање на трудот на културните работници.
Владата во првите 100 дена, рече Ковачевски, покажа дека висок приоритет се заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на живеење на граѓаните, и завршени се подготвителните работи и во тек е чистење на линданот од малата депонија во ОХИС, а дополнително во функција се ставени и две мерни станици за квалитет на воздух.
Обезбедена е поголема транспарентност и отчетност во трошењето на буџетските средства и јавните набавки, нагласувајќи дека, институциите сега имаат рок од 30 дена преку електронскиот систем и на своите веб страници да објавуваат информации за спроведените набавки.
Кризата во Украина непланиран предизвик
Ковачевски потенцираше дека воената агресија во Украина не исправи пред историски предизвик како членка на НАТО, како што рече, заедно со нашите сојузници да одговориме на овој антицивилизациски чин, како што е брутално кршење на меѓународното право и сите конвенции за мир и безбедност.
-Македониај како членка на НАТО целосно ја усогласи својата надворешна политика, ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите членки на НАТО и на ЕУ, бидејќи сметаме дека е од особена важност за време на воена криза од вакви размери, сите држави сојузници да делуваат обединето и да ја даваат својата поддршка на Украина, рече премиерот.
Наведе дека војната во Украина покажа оти политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех што обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент.
– Аналогно на тоа сметам дека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа на сите форуми и средби со нашите меѓународни сојузници и партнери истакнавме дека е од исклучителна важност за Северна Македонија да започне преговори за пристапување во ЕУ, без натамошни одложувања, рече Ковачевски.Со нашите партнери во ЕУ, дополни, се усогласивме дека проширувањето со Западен Балкан, како никогаш досега, е геостратешко прашање. Овој став, подвлече, го делат земјите – членки на ЕУ.
Премиерот информира дека се работи и на превод на правото на ЕУ, се прават неопходните усогласувања со националното законодавство и други документи што се од важност за да бидеме, рече, на брза лента, кога ќе започнат преговорите по поглавја и да ги затвориме колку е можно побрзо.
Ковачевски посочи и дека активно се работи и на придонесот кон Годишниот извештај на Европската Комисија, при што сите доставени документи од надлежните институции за точно 39 поглавја, согласно новата методологија на ЕК, се проверени, доработени и компилирани, а по одобрување од Владата ќе бидат доставени до ЕК.
Според Ковачевски, војната во Украина ни овозможила во пракса да видиме колку е важно за нас членството во НАТО.
– Безедноста и сигурноста на државата е загарантирана и стабилна, а нашата Армија ги развива капацитетите. Армијата на РС Македонија постигнува високи резултати, рече меѓу другото Ковачевски.
Додаде дека согласно НАТО стандардите продолжуваат и вложувањата за подобри услови за секој припадник на Армијата, а во изминатите три месеци тековно се реализираат и финализираат поголем број капитални инвестиции во армиски објекти.
Премиерот Ковачевски се осврна на тоа дека е ставен во потполна оперативна готовност систамот за интегрирана противвоздушна и ракетна одбрана на НАТО. Министерката за одбрана Славјанка Петровска, потсети премиерот, застана на чело на координативното тело за учество на Северна Македонија во системот на НАТО за одговор на кризи, чија задача е координација со домашните институции и сојузниците од НАТО за справување со моменталната криза на европско тло, одвраќање и оневозможување на прелевање на конфликтот на територијата на земјите членки во НАТО.
Украинската војна, истакна Ковачевски, донесе и отвори доста прашања врзани со надворешната политика, што успешно се изменаџирани во изминатиот период. Во услови на руска инвазија врз Украина и нарушена европска безбедност, Ковачевски, нагласи дека земјава застанала на вистинската страна на историјата, како и дека од Украина евакуирани се над 90 проценти од над 120 наши граѓани, кои биле мапирани или се јавиле за помош за евакуација, а истовремено брзо и ефикасно била овозможена поддршка на сите украински граѓани кои побарале прибежиште во Северна Македонија.