Ковачевски: За прв пат кај нас ќе биде произведен целосен електричен автомобил

Потпишан е договор за државна помош со кој започнува реализацијата на инвестицијата на германската компанија „Некст Е-го“, во износ од 130 милиони евра што ќе отвори најмалку нови 890 работни места


Во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово за прв пат кај нас ќе се произведуваат целосно електрични автомобили. За таа цел денеска во кругот на ТИРЗ во Тетово беше потпишан договор за државна помош помеѓу директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски и менаџерите на германската компанија „Некст Е-го“, со кој започнува реализацијата на инвестицијата во износ од 130 милиони евраи ќе отвори најмалку нови 890 работни места. Фабриката ќе се гради на површина од 60.000 квадратни метри.

„Оваа инвестиција е од огромно значење за државната, но и за локалната економија и развојот на човечкиот потенцијал во Тетово и во државата. Со оваа значајна инвестиција, Северна Македонија уште еднаш потврдува дека нуди одлични услови за инвеститорите, со стабилна економска и политичка клима во која меѓународните компании како „НЕКСТЕ.Е.ГО“ имаат партнер од доверба“, посочи во воведното обраќање премиерот Димитар Ковачевски.

Тој посочи дека за прв пат кај нас ќе биде произведен целосен автомобил.

„Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека оваа инвестиција ќе го промени на подобро животот на семејствата чии членови ќе работат тука, но ќе го промени и начинот на кој размислуваме за возилата.

„Затоа што ова е иднината, и на индустријата и на заштитата на животната средина. Меѓутоа ова е иднината и на образованието. Вакви инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби коишто ќе бидат неопходни“, рече премиерот.

Тој додаде дека електричниот автомобил „е-Go“ кој ќе се произведува во ТИРЗ во Тетово е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови.

„Ова меѓу другото е нашиот влог за идните генерации“, рече Ковачевски.

Фабриката која ќе се гради овде во ТИРЗ зоната во Тетово, е составен дел од глобалниот производствен капацитет на „е-Go“, наменет да го снабдува и националниот и меѓународниот извозен пазар.

Премиерот Ковачевски се осврна и на резултатите во технолошко индустриските развојни зони.

„Во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра. Јас никогаш не сум најавувал инвестиции, и оваа е инвестиција за која беше извесно дека ќе се случи. Оставивме прво да се договорат сите детали и потоа на изненадување на целата јавност, бидејќи ги гледам написите во медиумите, дознавме дека во Република Северна Македонија ќе има инвестиција којашто ќе биде од 130 милиони евра, и ќе биде на почеток со околу 900 вработени. И уште има такви инвестиции, од други инвеститори, а ние ќе оставиме тоа инвеститорите заедно со институциите да го најават, и ќе се случи многу брзо“, рече Ковачевски.

Само за еден месец во компаниите во зоните се отворени речиси 100 нови работни места, со што заклучно со јули, од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се реализирани над 1.100 нови работни места. 

Вкупниот број на вработени во јули порасна и достигна над 15.000 вработени, што е за 6% повеќе споредено со јули минатата година, односно за 14,5% повеќе во однос на јули 2020 година.

Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот и увозот. Во првите седум месеци од 2022 година извозот од ТИРЗ достигна речиси две милијарди евра, што е највисок во последниве четири години. А да не заборавиме дека работиме во најкризни две години после втората светска војна. Само во јули годинава компаниите во ТИРЗ имаат извоз од 280 милиони евра што е за 25% повеќе од јули минатата година.

„И покрај глобалните политичко економски случувања, сите анализи покажуваат дека ваквиот тренд ќе продолжи до крајот на годината со што според проценките, извозот може да го надмине минатогодишното рекордно ниво од три милијарди евра извоз годишно“, рече Ковачевски додавајќи дека ваквиот тренд се очекува да продолжи и во однос на порастот на нови работни места и согласно инвестициите постигнати изминатата година се предвидува отворање на над 2.700 работни места во следните години.

„Овие позитивни резултати и бројки кои постојано растат, потврдуваат дека создадената нова стратегија и програма за работа креираат позитивна бизнис клима за инвеститорите и вработените, нагласи премиерот Ковачевски додавајчи дека пристапот во привлекувањето инвестиции е изменет и сега е насочен кон инвестиции и инвеститори што носат поголема додадена вредност.

На настанот се обрати и Али Везваеи, претседавач на бордот на компанијата e.GO кој во своето обраќање подвлече дека договорот е уште една клучна цел во стратегијата за глобален раст на e.GO и ја нагласува внатрешната вредност на иновативната технологија и пристап.

„Навистина сме возбудени што ќе го прошириме нашиот производствен отпечаток во Република Северна Македонија, следејќи го нашиот напредок во Бугарија претходно оваа година. Нашиот стратешки фокус во Југоисточна Европа се заснова на нашето верување во конкурентниот екосистем на регионот, атрактивна инвестициска клима и пристап до поттикнат и талентиран човечки капитал“, рече тој.

Во своето обраќање, министерот за финансии Фатмир Бесими нагласи дека големите инвестиции имаат ефект на снежна топка.

„Брендовите привлекуваат локално и нови инвестиции, како странски, така и домашни. Тие креираат нова вредност, го јакнат извозот преку промената на неговата структура кон производи со поголема додадена вредност, креираат нови работни места и влијаат кон забрзување на економската активност и економскиот развој. Нашата определба како Влада е да ги поддржиме и промовираме странските инвеститори кои ќе можат да го обезбедат овој ефект и кои пред сè ќе донесат придобивки за нашите граѓани, домашните фирми и економијата”, рече Бесими.

Министерот за економија Крешник Бектеши говореше за придобивките од инвестицијата при што подвелче дека со оваа мултимилионска инвестиција на компанијата e.GO во ТИРЗ Тетово за прв пат ќе почнат да се произведуваат електрични возила во Северна Македонија со што започнува нова ера во делот на странските инвестиции, но и за граѓаните за користење на електрични автомобили.

„Истовремено оваа инвестиција ќе донесе нови технологии и знаења од автомобилската индустрија кои ќе бидат значајни за развој на индустриското производство. Фабриката ќе придонесе и кон зајакнување на извозот“, рече Бектеши.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во своето обраќање на настанот истакна дека новиот концепт на ТИРЗ дава конкретни резултати.

„По само 18 месеци ја имаме втората инвестиција над 100 милиони евра. Покажавме дека Северна Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила туку на мапата земји кои имаат капацитет и услови за големи инвестиции. Само од почетокот на годинава имаме постигнато договори за инвестиции со обем од 370 милиони евра. Со вакво темпо очекувам до крајот на годинава да ја достигнеме границата од половина милијарда. На почетокот на мандатот ветивме европски работни места и можности за младите. Во компаниите во ТИРЗ, од почетокот на годинава имаме нови 1.100 работни места. Компанијата e.GO ќе исплаќа просечна бруто плата од 1.340 евра“, рече Деспотовски.