Ковачевски за извештајот на ДЗР за МЕПСО: Ако е нешто спротивно на законот ќе треба да се сноси одговорност


Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека Владата не може да се меша во работата на државниот електропреносен систем на ниво на дневно управување. Одговарајќи на прашања на новинарите, во врска со извештајот на Државниот завод за ревизија за работењето на МЕПСО, кој открива многу неправилности, Ковачевски рече дека доколку е нешто спротивно на законот ќе треба да се сноси одговорност.

„Јас не сум обвинител или судија, но ако е направено нешто спротивно на законот, нормално дека ќе треба да се сноси одговорност“, рече на прес-конференција премиерот Ковачевски.

Тој потенцираше дека имало ревизорски извештај за работата на МЕПСО. Таму, како што додаде, веќе има и нов генерален директор и нови членови на Управен одбор.

„МЕПСО е независно во своето управување, бидејќи има органи на управување. Тоа е согласно европските регулативи и согласно со правила на европската енергетска заедница“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека во државата постојат органи кои испитуваат дали некој правилно работи, како и дека треба да се провери книговодствениот третман, дали станува збор за отписи или за резервации на ненаплатени побарувања.

„И трето, на Управниот одбор на МЕПСО е да определи колкави гаранции ќе бара во делот на обезбедување на балансна енергија или кој било тип на енергија кој што тие го користат. Се работеше за тежок период кога тие долгови беа направени“, додаде Ковачевски.

Како што нагласи, во тој период имало недостиг на електрична енергија како во државата така и на европскиот континент.

„Имаше енормно покачување на цените кои компаниите тешко го менаџираа, а на менаџментот на МЕПСО останува тие средства да ги наплати и да спроведува постапки кои ќе обезбедат заштита пред се на интересот на компанијата и на државата, бидејќи се државни претпријатија“, рече премиерот, додавајќи дека ако е направено нешто спротивно на закон, нормално дека треба да се сноси одговорност.

„Но, јас не сум обвинител или судија, поминаа времињата кога политичар беше и претседател и обвинител и судија. Оставам на правосудните органи да утврдат дали имало некакво постапување спротивно на законот“, рече Ковачевски. 

Инаку, од Државниот завод за ревизија изразија неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива.

Според извештајот на ДЗР, МЕПСО отпишало дури 14 милиони евра побарувања од фирмите кои што незаконски повлекувале електрична енергија во 2021 година. Меѓу другото се наведува и дека дел од овие побарувања се отпишани иако стасуваат за наплата и по донесување на одлуката од страна на УО на компанијата во државна сопственоста.